Драма во Србија: Документот за да може Трамп да гради во Белград бил фалсификуван

Се чини дека проектот за изградба на хотелот „Трамп интернешенел“, прв од ваков вид во Европа, што Џаред Кушнер (зет на американскиот претседател) и неговите партнери планираат да го реализираат на урнатините на поранешното југословенско министерство за одбрана во Белград, наиде на сериозна правна пречка.
Имено, Ерик Липтон, новинар на „Њујорк тајмс“, беше првиот што објави дека шефот на Српската агенција за заштита на културните споменици, Горан Васиќ, признал дека фалсификувал документи со цел да го поништи статусот на Генерлштабот како културно добро, што го отворило патот за негово рушење и изградба на луксузен комплекс. Васиќ, тврди „Њујорк тајмс“, се соочува со кривични обвиненија за злоупотреба на службена должност и фалсификување на службени документи. Значи, според ова, клучниот документ на кој се потпираше српската влада за да се овозможи реализација на проектот бил фалсификуван.
Проектот за изградба на хотел веќе предизвика бран протести, особено затоа што станува збор за симболично важен простор за белграѓани, кој беше уништен за време на интервенцијата на НАТО во 1999 година. Противниците на проектот велат дека сè било наместено во корист на Трампови од самиот почеток. Опозицијата во српскиот парламент го гледа целиот случај како потврда на нивната теза дека постојат клиентелистички врски меѓу владата на Александар Вучиќ и семејството на американскиот претседател.
Трамповата страна, компанијата „Афинити партнерс“, во сопственост на Џаред Кушнер, тврди дека немала никаква улога во прегледот на статусот на локацијата и дека „ќе разгледа понатамошни чекори“. Американските правни експерти предупредуваат дека меѓународните деловни ангажмани на семејството Трамп. вклучувајќи ги и проектите во Србија, ОАЕ, Оман и Катар, може да создаде сериозни етички сомнежи и да ја поткопа довербата во американската надворешна политика.
Многумина во Србија сметаа дека ова е одмазда на Вучиќ кон Трамп затоа што не се видоа во Америка на почетокот на мај, што, доколку е вистина, го поставува прашањето врз основа на што Вучиќ се чувствува толку слободен и силен да направи такво нешто и дали со овој потег ја вовлекува земјата во конфронтација со Америка.
Истражувачот на „Нов трет пат“, Драгослав Рашета, за „Данас“ вели дека апсењето на Васиќ е чекор во преговорите, а не целосен колапс на целиот проект.
„За да се постигнат добри односи со Белата куќа на Трамп, некои лидери веруваат дека соработката со Трамп во контекст на приватниот сектор е решението. Локации за новата ‘Трамп кула’ понудија не само Белград, туку и Дамаск и неколку градови во Индија. Ова се обидите на Ел Шара, Моди и Вучиќ да воспостават интимни односи со Трамп што е можно побрзо, користејќи ги моделите на соработка што се покажаа како успешни за време на првиот мандат на Трамп. Затоа, верувам дека ова апсење е само уште еден чекор во преговорите, а не целосен колапс на целиот проект“, смета Рашета.