Драма во Словенија: Жена повредена во пештера, во тек е спасувачка акција


Љубљана — Во сè уште неистражена пештера во близина на селото Долења Вас, општина Церкница во Словенија, жена спелеолог е тешко повредена, а во тек е спасувачка операција.

Претставникот на спасувачката служба на Спелеолошкото здружение на Словенија, Валтер Закрајшек изјави дека несреќата се случила во саботата околу 18.30 часот на длабочина од околу 100 метри, кога на главата на спелеологот паднал голем камен.

Со неа имало уште пет спелеолози, кои не се повредени, јавува РТВ Словенија.

Четворица од нив останале кај повредената жена, а еден излегол од пештерата и ја пријавил несреќата.

На лице место се 50 спелеолози, лекари, пожарникари и припадници на полицијата, а во пештерата влегла и медицинска сестра која ја има потребната медицинска опрема.

Спасувачите рекоа дека претпоставуваат дека спасувањето ќе трае подолго, бидејќи се работи за неистражена пештера, а повредената жена е на длабочина од околу 100 метри.