Драма во Словенија: Оган опколил пожарникари, ги спасил „канадер“

Поради силниот ветер група пожарникари во регионот Крас се нашла на удар на огнот од сите страни. Спасот дојде од „канадерот“, кој исфрли вода за да се пробијат


 

На социјалните мрежи вирално стана видео од првата огнена линија во областа Крас во Словенија, каде беснеат многу пожари. Екипа пожарникари била опкружена со оган, па не било можно да се повлечат, но биле спасени од авион „канадер“кој истурил вода на теренот. Клемен Горуп, пожарникар од ПГД Хрватини и автор на видеото, за Н1 Словенија опиша што всушност се случило под местото Трстеље и какви чувства ги преплавиле пожарникарите.

На видеото се гледа како пожарникарите го гаснат огнот од двете страни на патот во густ чад. Одеднаш над нив здогледуваат „канадер“ кој исфрла голема количина вода. „Сега не спаси“, вели авторот на видеото, додека во позадина се слушаат извици на возбуда.

„Пожарот почна да се шири кон Трстеље, бевме распоредени на патот кон ловниот дом со цел да го заштитиме домот од пожар. Кога пожарот се приближи до патот, почнавме да го гасиме. Успеавме некое време, но потоа ветрот се засили и огнот многу брзо се приближи од долната страна на патот. Така нѐ опкружи, имавме оган и горе и долу. Не можевме ни да се повлечеме, бевме отсечени на тој пат, во чадот, околу два часа. Се обидовме да се справиме со тоа. ‘Канадерот’ дојде непланирано. Мислам дека ја пушто водата кога нѐ виде и ја виде ситуацијата“, изјави Горуп.

„Никој не се плашеше“, уверува тој. Според него, пожарникарите имале резерва на вода во случај пожарот да скокне на некое од возилата. Покрај споменатиот пат, шумарите превентивно ги исекоа дрвјата, па немаше страв дека пожарот опасно ќе им се доближи, вели тој. „Најголем проблем беше чадот. Очите гореа, дишењето печеше, не можеше да се дише“.

Си помагале со апарати за дишење и физиолошки раствор за миење на очите. Работата ја отежна и многу високата температура. „Се грижевме еден за друг, никому да не му се слоши“.

Како што може да се види на видеото, „канадерот“ донесе големо олеснување во оваа исклучително тешка ситуација. Во резервоарот со канистер има простор за нешто повеќе од 6.000 литри вода. На социјалните мрежи некои го споделија видеото со напомена дека тоа е доказ за важноста и ефективноста на помошта од воздух во гаснењето на пожарите.

Како што кажа и Горуп, пожарот во Крас, со кој пожарникарите се борат повеќе од една недела, е многу напорен и затоа што на овој простор има многу неексплодирани убојни средства од Првата светска војна. „Се случи куршуми да почнат да пукаат на два метри од нас, на десетина метри експлодира мина“, опиша тој.

Дополнителни проблеми создава ветерот што го прави пожарот непредвидлив.