Драма во источно Сараево: СИПА се обиде да го приведе Додик, МВР на РС ги спречи


Припадниците на Државната агенција за истраги и заштита (СИПА) денеска пристигнаа во Административниот центар на Владата на Република Српска во источно Сараево, каде во тоа време беше претседателот на РС Милорад Додик.

Како што дознава Klix.ba, членовите на СИПА се обиделе да го приведат Додик, но припадниците на Министерството за внатрешни работи на Република Српска се спротивставиле на таа акција.

Познато е дека Судот на Босна и Херцеговина претходно распиша централна потерница за Милорад Додик, како и за премиерот на Република Српска, Радован Вишковиќ и претседателот на Народното собрание на РС, Ненад Стевандиќ.

Да потсетиме, Додик претходно во текот на денот пристигна во Административниот центар на Владата на Република Српска во Источно Сараево, каде што вечерва ќе одржи средба со градоначалникот и раководителите на општините кои го сочинуваат градот Источно Сараево.

Пред тоа Додик престојуваше во Шековиќи каде во 16 часот присуствуваше на состанокот по повод почетокот на гасификацијата на источниот дел на Република Српска. Средбата се одржа во општинската зграда, како што претходно соопшти Кабинетот на претседателот.