ЕВРО 2020: Дали беше пенал? Англија ја прекина данската бајка во продолженијата и закажа финале со Италија


За прв пат во историјата, фудбалската репрезентација на Англија се пласираше во финалето на Европското првенство откако по продолженијата ја совлада Данска со 2-1 на стадионот „Вембли“.

Данска поведе во 30.минута со голот на Микел Дамсгард, Симон Кјаер израмни девет минути подоцна туркајќи ја топката во сопствената мрежа, а победата за Англичаните ја донесе Хари Кејн со погодок во 104-та минута, кога по неуспешно изведениот пенал, топката се одби до него и ја смести во мрежата на Данците.

Се чинеше дека целата ситуација околу пеналот е спорна и дека контактот беше мал, доколку воопшто го имаше, но од ВАР собата беше потврдена одлуката на холандскиот судија.

За Англичаните, тоа ќе биде прво финале на Европските шампионати, откако тие беа трети во 1968 година и заглавија во полуфиналето во 1996 година, додека Италија ја освои единствената титула во 1968 година и загуби уште двапати во финалето (2000, 2012) .

Домаќинот влезе подобро во мечот, но гостите поведоа. Во 30. минута, Микел Дамсгард извонредно погоди од слободен удар, шокирајќи ги англиските навивачи на на Вембли. Тоа беше првиот гол што „Гордиот Албион“ го прими на овој шампионат.

Интересно, во 25-тата минута од играта, Пикфорд го собори рекордот на легендарниот Гордон Бенкс, кој во 1966 година поврза 720 минути без да прими гол. Пикфорд „нанижа“ 721 минута без да прими гол соборувајќи го рекордот, но четири минути подоцна неговата серија ја прекина напаѓачот на Сампдорија. Рекордот на Пикфорд сега е 725 минути без примен гол.

Домашните израмнија во 39-та минута откако Сака од крило ја исфрли топката во шеснаесетникот кон Стерлинг, но Кјаер се лизна пред него и ја исфрли топката во сопствената мрежа.

Англија можеше да ги сврти работите во 55-та минута, Мегваер шутираше со глава, но Шмајхел реагираше фантастично. Во продолжението од мечот домаќинот притисна, а Данците својата шанса ја бараа од контри, но резултатот не се смени, па заминаа во продолженија.

Во 102-та минута се случи клучен момент кога холандскиот судија Дани Маккели покажа на белата точка откако Стерлинг беше соборен во казнениот простор. Неговата одлука беше потврдена од просторијата ВАР.

Хари Кејн шутираше од белата точка, Шмајхел одбрани, но топката се одби до англискиот капитен кој не погреши при вториот обид.

Англичаните ќе играат во финалето на 11 јули на Вембли против Италија, која во вторникот ја победи Шпанија со 4-2 со подобро изведување на пенали.