Драма на небото над Вашингтон: Борбени авиони пробија звучен ѕид во лов на мала „цесна“


Фото: Б. Грданоски

Американските власти испратија група воени авиони во неделата во лов на мал авион кој неовластено навлезе во воздушниот простор над пошироката област Вашингтон, а потоа се урна во Вирџинија.

Воени авиони ја пробиле звучната бариера над главниот град на САД за да стигнат до Cessna Citation, кој може да превезе седум до 12 патници, соопштија официјални лица.

Отприлика кога борбените авиони го пробиле звучниот ѕид, цесната се урнала во ридско подрачје во југозападна Вирџинија, соопшти Федералната управа за авијација (ФАА), пренесе Хина.

Цитирајќи неименуван извор, Си-Ен-Ен објави дека во малиот авион имало четири лица.

Воените авиони не биле причина за падот, тврди неименуваниот функционер.

Според информиран извор, се верува дека цесната возела на автопилот и не одговарала на повиците.

Авионот „Цесна“ полета од аеродромот во Елизабетон, Тенеси и беше на пат кон аеродромот Мекартур на њујоршкиот Лонг Ајленд, на околу 80 километри источно од Менхетен, се вели во соопштението на ФАА.

Инцидентот ќе го истражува Националниот одбор за безбедност на транспортот, додаваат тие.

Според веб-страницата за следење летови Flight Aware, се чини дека цесната се приближила до поширокото подрачје на Њујорк пред да направи свртување од речиси 180 степени и да заврши во Вирџинија.

Воените авиони Ф-16 беа испратени од заедничката база Ендрјус, објави АБЦ Њус, цитирајќи неименуван официјален претставник. Најмалку еден воен пилот видел дека пилотот на цесната се онесвестил, соопшти АБЦ.

Пробивањето на звучната бариера вознемири многумина во Вашингтон, кои твитнаа за силната бучава и тресење на земјата и ѕидовите. Неколку жители пријавиле дека ја слушнале бучавата дури до Вирџинија и Мериленд.