Драма на летот од Дубровник: „Многу луѓе врескаа, никогаш во животот не сум бил толку исплашен“


Летот од Дубровник за Загреб беше зафатен од силни турбуленции поради силно невреме.

Патниците на летот од Дубровник за Загреб утрово доживеале вистинска драма. Силното невреме во областа околу Дубровник им ја отежнало работата на пилотите на „Кроација ерлајнс“, поради што авионот имал проблеми со полетувањето, додека кај патниците владеела паника.

Летот прво беше одложен до 8.20 часот, а требаше да полета во 6.40 часот. Кога конечно успеале да заминат, авионот „пропаднал“, изјавил еден од патниците за Дубровник дејли.

„Никогаш во животот не сум бил толку исплашен, а многу патував. Многу луѓе врескаа, една девојка дури и плачеше“, опиша тој и додаде дека за среќа искуството не траело долго бидејќи пилотот набрзо го стабилизирал авионот, а подоцна среќно слетале на аеродромот во Загреб.

Иако турбуленциите не се невообичаени за време на овој дел од летот, чувството на „паѓање“ секако не е пријатно чувство за патниците.