Драганов: Околу 30 отсто од бугарските хотели нема да се отворат летово


 Се очекува околу 30 отсто од хотелите во Бугарија летово да не ги отворат своите врати, бидејќи работат според таканаречениот „индустриски принцип“, односно  со нискобуџетните авиокомпании, што се едни од најпогодените од пандемијата, изјави Румен Драганов, претседател на Конфедерацијата на бугарскиот туристички бизнис, за телевизијата „Блумберг Бугарија“.

Според него, од вкупно 17.000 сметувачки капацитети во земјата, само околу 8.000 најавиле дека ќе работат во текот на летните месеци.

-Нашите очекувања се дека пандемијата во голема мера ќе се намали во текот на летото, како што се случи минатата година, и дека повеќе туристички капацитети ќе работат, рече експертот за туризам Румен Драганов.

Тој додаде дека летниот туризам вообичаено сочинува околу 70 отсто од вкупниот обем на бугарскиот туризам. Што се однесува до тековната зимска сезона, таа, според него, бележи пад од 60 отсто во споредба со 2019 година.

Драганов ги коментираше и податоците на Министерството за туризам, според кои Бугарија годинава бележи пад од 70 отсто на странските туристи.

-Секој месец во земјата влегуваат 230.000 лица, додека минатата година нивниот број изнесуваше 550.000, коментира експертот.

Според него, се чуствува забавување на целокупната политика за поддршката на луѓето кои работат во туристичката индустрија.

-Работниците дури сега сфатија дека немаат синдикати што ќе ги бранат нивните интереси. Излезе дека со години повеќето луѓе во оваа индустрија биле без договори за работа и сега пандемијата во голема мера го покажа овој проблем во економијата и туризмот. Според мене, никој не е задоволен од мерките што се преземаат во корист на луѓето од туризмот, додаде Драганов.