Драгана Велковска: Дилетантски однос кон бездомните животни


Активистката и член на советот на Град Скопје од Левица, Драгана Велковска вели дека владејачката партија СДСМ дилетантски се однесува кон еден од најгорливите проблеми – бездомните животни.

Велковска на својот Фејсбук профил пишува и за немањето на критериуми за изборот на членови на Управниот и Надзорен одбро на јавното претпријатие „Лајка“.

„Како ли гласеле критериумите за избор на членови на Управен и Надзорен одбор на ЈП Лајка во СДСМ?
– Да има купено најмалку 1 свилен териер во последните 6 месеци
– Да има кажано „Јас многу сакам животни“ (на глас) најмалку двапати во последниот месец. Предложив да се симнат точките од дневен ред. Нормално дека не ги симнаа. Извонредно дилетантски однос кон еден од најгорливите проблеми во Скопје – бездомните животни.
СДСМ формираа контра-здружение, поставија за претседател на Управен одбор лице вработено во Агенцијата за храна и ветеринарство која врши надзор и инспекција врз работата во Вардариште (чист конфликт на интерес) и вдомија партиски структури кои немаат допирни точки со животни воопшто, камоли бездомни. т.е. применија стратегија „Мало Потемкиново село“, доследно следејќи ги тактиките на ВМРО-ДПМНЕ. На кого овие постапки му личат на напредок, европски вредности и професионализација на администрацијата? Со ова СДСМ покажа среден прст не само на активистите кои ги молеше за гласови пред избори, туку и на сите скопјани. Сега сме ние на ред да одговориме на провокацијата.“