Драган Вучиќ почина на Инфективната клиника во Скопје


Познатиот пејач, водител и телевизиско лице Драган Вучиќ починал на Инфективната клиника во Скопје.

Информацијата ја потврдуваат негови блиски како и наши извори од Институтот за јавно здравје кои тврдат дека причината за смртта се компликации од коронавирусот. Вучиќ бил ставен на респираторна поддршка поради тешката состојба.

Композиторот Љупчо Мирковски на својот Фејсбук профил објави проштални зборови за својот пријател.

,,За жал, ја изгуби битката. Почивај во мир другарче мое”.

Вучиќ е роден во 1955 година, а работеше како композитор, пејач и водител.Во јавноста беше познат по своите емисии и квизови како „Вашите пет минути“, „Среќни луѓе“,„Возење со Вуќиќ“ и последната „Кулинарски муабети“, одржувајќи и врските со екс југословенската естрада.

-Вистина е, почина татко ми од тоа зло,  потврди неговиот син Мартин Вучиќ дека починал од корона вирусот. Семејството дознало пред десет дена дека Вучиќ бил позитивен, но првите денови се лечел дома.

-Вчера и се јавиле на мајка ми дека се е во ред, а утрово и се јавиле дека ноќеска починал. Не знам. Во шок сме, изјави утрово Мартин Вучиќ, додавајќи дека не можат сега ни да го испратат како што треба.