Драган Даниловски предупредува да не се опуштаме премногу


Зголемениот број на хоспитализирани пациенти од Ковид-19 последниве е знак за отрезнување – со вирусот нема шега ниту опуштање

 

Неочекувано зголемениот број на хоспитализирани пациенти со Ковид-19 за проф. д-р Драган Даниловски е предупредување дека битката со вирусот не е ни оддалеку блиску до завршување и дека само мало опуштање може да ја врати инфекцијата неколку недели наназад. Во својот текст за специјализираната страница за медицина „Доктори“, познатиот епидемиолог и поранешен министер за здравство, наведува дека зголемувањето на хоспитализираните случаи покажува дека некои работи граѓанството лесно ги сфатило.

„Јасно е дека бројот на регистрирани случаи (вкупно позитивни асимптоматски и позитивни симптоматски) не е точен одраз на вистинската состојба. Тој дефинитивно е зависен од бројот на земени тестови!

Бројот на оние на кои им треба хоспитализација не може да се штелува. И бројот на умрените… За епидемиологијата, тие се поверодостојни показатели.

Од еден случај на 3 мај, бројот скокна на седум на 4 мај, пет на 5 мај, осум на 6 мај, четири на 7 мај, на 8 мај бројот е девет хоспитализирани случаи и вчера, 9 мај, тој број е шест“, пишува Даниловски.

Тој се прашува дали е ова случајна варијација кон горе и дали постои причинско-последична врска со одредени неодамнешни „епидемиолошки важни настани“ (како што стручно се нарекуваат масовните дружби и собири)? Или е во прашање само (статистичка) корелација?

„Ќе покажат наредните денови. И анализите на екипите од ИЈЗ што се денес излезени на терен. За среќа, бројот на починати стагнира. Што е добар знак!

И така, на некој начин пак сме на почетокот. Како Сизиф… Се опуштивме ли премногу? Зошто се опуштивме? Зарем не се работи за проблем што сите нè засега, без разлика на нација, политичка боја?

Толку ли не можеме да ги надминеме личните фрустрации и егоизам? Толку ли не можеме да се надминеме себеси? И да покажеме дека сме сите заедно спрегнати во борбата со зедничкиот непријател. Невидливиот непријател!“, вели проф, Даниловски.

Графикон на хоспитализираните и починати пациенти од 26 февруари до 9 мај

Тој, сепак, мисли дека не сме се вратиле на почетокот и оценува: „Ми се чини дека генералниот тренд на стивнување на епидемијата значајно нема да се наруши. И дека сè ќе заврши добро. Дека ова е, всушност, еден вид аларм за отрезнување, не само за граѓаните, туку и за преземање мерки за корекција на пројавени слабости во менаџментот со ситуацијата, на ниво на примарна здравствена заштита.

Сакам да верувам дека ќе се разбуди кај сите нас свесноста и совеста дека само од нас зависи понатамошниот тек на настаните; дека колку повеќе сами себе се дисциплинираме, толку побрзо ќе излеземе од ‘зоната на самракот’. Друга опција едноставно немаме!“, вели Даниловски.

За на крај да заклучи:

„Апсолутно би било недозволиво, неодговорно и ризично по здравјето на луѓето, во периодот на стивнување на епидемијата (макар и при укинат полициски час), да се организираат какви било масовни настани. Се виде кон што води тоа…

До нас е!“