Драга Ирена, нема да те оставам да бидеш заборавена, рече Весна Ѓиновска-Илкова на комеморацијата во НОБ
Денес на големата сцена во Националната Опера и Балет се одржа комеморација во чест на прерано починатата оперска првенка Ирена Кавкалевска.
Добитничка на многу награди, школувана во Македонија, Софиjа, Грац, Загреб, Кавкалевска дебитира на сцената на МОБ во 1996 година со улогата на Мадалена во „Риголето”. Настапувала на многу фестивали и оперски сцени, а незиниот репертоар зборува за успешни креации во „Кармен”, „Аида”, „Набуко”, „Моќта на судбината”, „Сестра Анџелика”, „Jулиj Цезар во Египет” „Севилскиот берберин”, „Лилјакот”, „Иван Сусањин”, „Цар Самоил”.
„Во текот на претставата знаевме да си дадеме по некој ишарет доколку ни е потребна една секунда пауза или пошироко сценско движење. Ја почитуваше работата зададена од режисерите, иако не секогаш беше логична и природна. Колега со кој можев да споделам и разни животни ситуации, да разменам мислење, да бидам сослушана. Ѝ верував. Реална во ставовите, знаеше да подели совет кој беше издржан. Ја почитуваше музиката, материјата и пееше без импровизации. Како партнер на сцената беше прецизна, јасна, сигурна во изведбата и оставаше простор за работа на другиот. Драга Ирена, нема да те оставам да бидеш заборавена. Ќе те спомнувам секогаш и секаде и ќе се присетувам на сите заеднички мигови поминати заедно“, рече првенката Ѓиновска-Илкова.
Уште во првата нејзина појава, Ирена Кавкалевска беше вистинско олицетворение на Кармен, бескрупулозната заводничка. Таа апсолутно пленеше со сценичноста, владееше со целото дејство, очигледно се чувствуваше удобно во улогата што а толкува. Комотна и самоуверена на сцената, мошне маркантно ja долови фаталната женска привлечност” – зборува музичката критика за креацијата на нашата уметница во познатата опера на Жорж Бизе.
„Прераната смрт на почитуваната и драга Ирена Кавкалевска за Македонската опера и балет и воопшто, за севкупниот културен живот, претставува огромна загуба. Таа имаше и можеше да подари уште многу сценски и концертни креации, рече директорот на Операта, Оливер Арсовски.
Пред многубројните колеги кои присуствуваа на комеморативната седница со тага и низ солзи се прости и колешката, диригентката Бисера Чадловска.