ДПМ со пет нови членови
Друштвото на писателите на Македонија во изминатиов период го прошири своето членство со пет современи автор(к)и, кои на различни начини се одликуваат со своето творештво и со своите активности во областа на книжевноста: Митко Гогов, Искра Донева, Симона Јованоска, Хана Корнети и Милчо Мисоски.
Митко Гогов (1983, Скопје) пишува поезија, кратки раскази, есеистика и публицистика. Неговото творештво е застапено во неколку антологии, стихозбирки и списанија за литература и уметност во повеќе земји. Концептуален уметник и активист, Митко е организатор на фестивалот „100.000 поети за промена“. Има објавено две збирки песни во „Антолог“: „Ледена вода“ (2014) и „Скриено писмо“ (2019) и две во „Макавеј“: „Линијар [бројки]„ (2021) и актуелната „Бог на ба(к)терии“ (2024).
Искра Донева (1983, Скопје), завршила магистерски струдии по политички науки и дипломатија и по македонски јазик. Авторка е на трудот „Конфликтот на интерпретациите и разбирањето на наративните текстови“ („Восток“, Битола, 2018) и пред сè поетеса, најпрепознатлива и најпреведувана поради нејзината хаику поезија: „Татко“ (2013), „Скакулче игра плочка“ (2013), „Лазарополски хаикуа“ (2013), „Калеидоскоп“ (2015) и други.
Симона Јованоска (1985, Гостивар), дипломирала на економскиот факултет во Скопје, а досега има објавено четири книги: една збирка раскази, една книга за деца („Градот Вабу и потрагата на Нави“, Чудна шума, 2022), и два романи: „Денот на црвот“ (2021) и „Леска Брезоска“ (2024), кои како и збирката раскази се во издание на „Или-или“. Симона е добитничка на наградата „Роман на годината“ на Фондацијата „Славко Јаневски за романот „Денот на црвот“, и на други награди за проза.
Хана Корнети (1992, Скопје) дипломирала историја и филозофија во Анкара, а магистрирала на културолошки студии во Истанбул. Помеѓу другото, во „Или-или“ ги има објавено збирката раскази „Млечни заби“ (2021) и романот за деца „Илина и шумските тролови“ (2023). Добитничка е на прва награда за театарско сценарио во 2019 г., на втора награда на конкурсот за најдобар расказ на „Нова Македонија“, а била и финалист во регионалниот книжевен избор „Штефица Цвек“.
Милчо Мисоски (1972, Струга) дипломирал на Медицинскиот факултет во Скопје, специјалист микробиолог, примариус, магистер на медицински науки. Бил добитник на наградата „Млада Струга“ на Струшките вечери на поезијата во 1992 г. и на други награди и признанија во земјава и во странство. Автор е на седум збирки поезија, од кои актуелна е „Зборови од хартија“ (Антолог, 2024).