ДПМ не ги исплатил добитниците на традиционалните годишни награди 


Романот „Папокот на светлината“ на Венко Андоновски е добитник на наградата „Стале Попов“ за најдобро прозно остварување за 2022 година/ Фото: Б. Грданоски

Христо Петрески, актуелниот претседател на ДПМ  во оставка,  не ги исплатил добитниците на традиционалните годишни награди , врачени кон средината на февруари, објави „Телма“. Тоа се случува за прв пат во 76 годишната историја на писателското друштво. Изминативе 4 години изнесувале по околу 50 илјади денари од добитник.

Паричниот дел од наградите не ги добиле авторите Зоран Пејковски, Венко Андоновски, Соња Стојменска – Елзесер и Ели Маказлиева, а не се исплатени ниту 12 членови на четирите жири комисии кои одлучувале за наградите „ Стале Попов“, „ Ацо Шопов“, „ Димитар Митрев “ и „ Ванчо Николески“. За тоа било известено Министерството за култура , од каде добиле одговор дека во документацијата од ланскиот Годишен конкурс за финансирање проекти од национален интерес по дејности, не е најдена апликацијата од ДПМ за наградите.

„Друштвото на писатели на Македонија нема поднесено пријава за доделување на годишните награди на Годишниот конкурс“, се вели во одговорот од ресорот Култура.

Според претседателот на ДПМ во оставка, Христо Петрески, проблемот со неисплатените награди се случил поради техничка грешка на електронскиот систем Е- услуги, кој не ја примил апликацијата, по што го известиле министерството.

„Во комуникација и договор со Министерството за култура , ни беше речено дека ретроактивно ќе бидат доделени средства за наградите за 2023 и за 2024 година, за што деновиве веќе аплициравме“, изјавил Петрески.