ДПИ со одговор по ревизорскиот извештај: Се работи на доекипирање и ново софтверско решение
По стапувањето на должност директор на Државниот пазарен инспекторат, од наша страна беа согледани дел од недостатоците и предизвиците со кои се соочува институцијата. Токму поради потребата од целосен и независен увид во состојбите, беше поднесено барање за спроведување ревизија до Државниот завод за ревизија.
Важно е да се нагласи дека објавениот извештај на Државниот завод за ревизија се однесува на работењето на Државниот пазарен инспекторат за 2023 и 2024 година, односно на период во кој беа увидени низа системски предизвици во функционирањето на институцијата.
Од 2025 година Државниот пазарен инспекторат активно работи на надминување на констатираните слабости и на воспоставување поефикасен и пофункционален систем на работа.
ДПИ презема конкретни активности за отстранување на утврдените недостатоци, зајакнување на човечките капацитети, подобрување на финансиската и материјалната евиденција, како и унапредување на инспекциските постапки и дигиталните процеси.
Особено внимание се посветува на кадровското екипирање на Инспекторатот. Имајќи ја предвид широката надлежност на ДПИ и обемот на инспекциски надзори, за ефикасно исполнување на законските обврски, потребно е континуирано зајакнување на инспекторските капацитети.
Во делот на дигитализацијата, ДПИ со поддршка ЕУ работи на целосно ново системско – софтверско решение, компатибилно за потребите на Инспекторатот, кое би ги покрило сите работни процеси во институцијата.
Паралелно, се преземаат активности за унапредување на финансиското и материјалното работење, подобрување на евиденциите и постапувањето со средствата и предметите со кои располага Инспекторатот.
ДПИ посветува особено внимание и на контролата на безбедноста на производите, како една од значајните области за заштита на потрошувачите. Институцијата ќе продолжи да работи на зајакнување на капацитетите за контрола и обезбедување услови за континуирани лабораториски испитувања.
Државниот пазарен инспекторат ја поздравува работата на Државниот завод за ревизија и дадените препораки ги гледа како основа за дополнително унапредување на работењето на институцијата.
Важно е јавноста да има предвид дека преземените активности за надминување на утврдените недостатоци се започнати од 2025 година, додека ревидираниот период опфатен со извештајот е 2023–2024 година.
ДПИ останува посветен на целосно постапување по препораките на ДЗР и на изградба на современ, ефикасен, транспарентен и професионален инспекциски систем, во интерес на граѓаните, потрошувачите и деловната заедница.