Дознаките во Србија лани достигнале речиси 5 милијарди евра, најмногу дошле од Германија


Во текот на минатата година, според податоците на Народната банка на Србија (НБС), во Србија пристигнале 4,99 милијарди евра по основ на дознаки од странство, што е приближно колку од претходната година кога приливот на дознаки изнесувал 5,02 милијарди евра.

НБС соопшти дека врз основа на податоците за географската структура, може да се заклучи дека структурата останала стабилна, бидејќи најмногу пари имало од Германија, 27 отсто, Швајцарија, 13 отсто, Австрија, 10 отсто, потоа Франција, 6,0 отсто и Хрватска, 5,0 отсто.

Кога станува збор за валутната структура, лани најголемиот дел од парите, односно 83,1 отсто од приливот од дознаките биле во евра, 7,7 отсто во американски долари, 3,9 отсто во швајцарски франци и 5,3 отсто во други валути, пренесе Блиц.

Народната банка соопшти дека централната банка ја користи методологијата на билансот на плаќања на Меѓународниот монетарен фонд (БПМ6), според која дознаките се вклучуваат преку ставка наречена лични трансфери, во која се вклучени дознаките на работниците, пензии и други социјални бенефиции, како и помош и подароци од странство, адресирани на физички лица со престој во Србија.