Доживотната казна за руски тенкист за убиството на украински цивил намалена на 15 години затвор

Апелацискиот суд во Киев ја прифати жалбата на адвокатот на Вадим Шишимарин (21) кој намерно уби невооружен цивил во првите денови на војната


Вадим Шишимарин на судењето

 

Командантот на руски тенк, кој стана првиот од руските војници кој е осуден на затвор за воени злосторства во Украина, му е намалена доживотната казна затвор на 15 години по жалбата.

Вадим Шишимарин (21) ладнокрвно го застрела 62-годишниот Олександр Шелипов во северниот украински регион Суми во првите денови од војната.

Тој подоцна беше фатен и донесен во Киев на судење, каде што се изјасни за виновен по обвиненијата за воени злосторства уште во мај.

Но, адвокатите на убиецот со бебешки лик поднесоа жалба, велејќи дека казната е неоправдано сурова со оглед на тоа што тој признал дека сторил нешто лошо и дека дејствувал по наредба на претпоставен.

Денеска апелациониот суд во главниот град на Украина се согласи и ја намали казната на 15 години. Виктор Овсијаников, адвокатот на Шишимарин, бараше 10 години.

Овсијаников рече дека е голема веројатноста Шишимарин во одреден момент да биде разменет назад во Русија во размена на затвореници.

Шелипов го туркаше својот велосипед по патот во украинското село Чупахивка кога наиде на Шишимарин и мажи од неговата единица, кои се возеле во украден цивилен автомобил.

Плашејќи се дека Шелипов – ветеран на советската војска – ќе ја пријави нивната локација на украинските сили, претпоставените на Шишимарин му наредиле да го убие човекот.

Тој испука неколку истрели во главата на Шелипов од автоматска пушка, при што го уби.

Русија негираше дека цели на цивили или вмешаност во воени злосторства.

За време на судењето, Шишимарин пред судот изјави дека го застрелал Олександр додека тој и уште неколку руски војници се повлекувале и се обидувале да се приклучат на нивните единици во Русија.

Војниците пронашле цивилен автомобил, „фолксваген“, кој го украле. „Сакавме да стигнеме до местото каде што беше нашата армија и да се вратиме во Русија“, рече Шишимарин.

„На пат додека возевме, видовме еден човек. Тој зборуваше на телефон. Рече дека ќе каже за нас“.

Шишимарин рече дека друг руски војник во автомобилот, за кој рече дека не е негов командант и кого го нарече „непознат“ војник, „ми рече да пукам“.

„Почна да кажува со силен тон дека треба да пукам“, изјави тој пред судот.

„Тој рече дека предизвикувам опасност ако не го направам тоа. Го застрелав од краток дострел. Тоа го уби“.

Сопругата на Олександр, Катерина Шелипова, се соочи со Шишимарин пред судот во Киев и го праша што чувствувал кога го убил нејзиниот сопруг.

„Кажи ми што се чувствуваше кога го уби мојот сопруг? Дали се каеш за ова злосторство“, го праша Катерина поранешниот војник во четвртокот додека тој стоеше на обвинителна клупа, гледајќи право напред.

„Ја признавам мојата вина. Разбирам дека не можеш да ми простиш. Барам прошка“, рече тој.

Катерина додаде: „Кажи ми, те молам, зошто дојде овде? Да нѐ заштитиш? Од кого? Од мојот сопруг кого го уби?“

Катерина пред судот изјави дека нејзиниот сопруг бил тракторист кој не носел оружје и бил облечен во цивилна облека, според цитатите на украинската новинарка Дарија Сипигина.

Говорејќи пред судењето, Катерина откри дека Олександр некогаш работел за КГБ, па дури и го чувал советскиот претседател Леонид Брежнев кога го посетил Крим.

Таа рече дека бил горд што ѝ служи на советската елита, но дека сега не може да ѝ прости на руската армија за тоа што и го направила на нејзината земја.

Запрашана што чувствува за Шишимарин, таа изјави за британската телевизија ITV минатата недела: „Што можам да кажам? Тој е дете, тој е млад, жал ми е за него“.