Доживотен затвор за напаѓачот кој уби 39 гости во ноќниот клуб „Реина“ во Истанбул


Турција– Турски суд денеска осуди екстремист од т.н. Исламска држава на доживотен затвор за новогодишниот напад врз ноќен клуб во Истанбул во кој беа убиени 39 лица, во 2017 година, јави Анадолија.

Узбекистанецот Албулкадир Машарипов е прогласен за виновен за 39 убиства и обид за уривање на уставниот поредок и осуден на 40 доживотни затворски казни без можност за намалување на казната.

Судот во Истанбул го осуди навкупно 1.368 години затвор за обид за убиство на 79 лица кои беа повредени во нападот од 1 јануари 2017 година.

Машарипов тогаш упадна во најпрестижниот истанбулски ноќен клуб Реина рано изутрина, каде стотици луѓе ја славеа Новата година.

По нападот успеа да избега, а терористичката „Исламска држава” подоцна ја презеде одговорноста за масакрот.

Полицијата го уапси 15 дена по нападот. Тој прво призна дека го извел нападот, а подоцна ги негираше обвиненијата.

Во завршната изјава денеска тој побара да биде ослободен, велејќи дека првичното признание е изнудено преку „тортура и притисок”.

Тој инсистира на тоа дека нема доволно докази против него и се очекува да се жали на пресудата.