Дождот ги раскопа улиците во Битола
Откорнат асфалт, затнати шахти, поплавени подруми и дворови, предизвикаа поројните дождови кои ја зафатија Битола вчера во вечерните часови.
Наврнаа околу 15 литри на м2 и траеја пократко за разлика од дождот кој врнеше во јануари и однесе дел од потпорниот ѕид на реката Драгор во Довлеџик.
Граѓаните на социјалните мрежи споделуваа фотографии и видеа од поплавени куќи, подруми, продавници.
„Целата улица е под вода, се отворија и дупки на асфалтот, шахтите не можеа да ја примат целото количество вода која наврна за кусо време; очигледно е потребна реконструкција на улицата“, велат жители на „Зборска“.
Продавачите со метли ја туркаа водата од маалските продавници во населбата Баир да не им влезе внатре.
Од Општина Битола веднаш по дождот ги екипираа јавните претпријатија и излегоа на терен да ги санираат штетите.
„Беа посетени повеќе улици на кои дождот остави последици во домовите на граѓаните. Се работи за поплавени улици на кои инфраструктурно не е делувано со децении.
Локалната самоуправа ќе преземе конкретни мерки во поддршка на семејствата по оваа состојба, но истовремено со следните програми и планови ќе реализира конкретни инфраструктурни проекти и на овие локации, со цел ваквите појави во општината да станат минато“, информираат од општината. (А.Б.)