Непотврдена вест ги урна акциите на финансиските компании

„Епл“ наводно работи на услуга што ќе им овозможи на клиентите да купуваат на рати и на одложено плаќање, напиша Блумберг во вторникот, па акциите на такви слични услуги, како што е „Афтерпеј“ (Afterpay), паднаа драстично.
За да се создаде оваа нова услуга, „Епл“ би се здружил со банката Голдман Сакс, со која веќе склучија партнерство за создавање „Епл картичка“ во 2019 година.
Таа непотврдена вест, која сè уште е на ниво на гласишта, предизвика пад на акциите на австралиската „Афтерпеј“ за десет проценти. Паднаа и „Zip Co“ и „Sezzle“, додека акциите на „Афирм холдингс“ која котира на „Насдак“ паднаа за 14 отсто пред да застанат на пад од 10,5 отсто на крајот на вчерашното тргување, пренесува Телеграм.
Индустријата за одложено плаќање (Buy Now, Pay Later – BNPL – Купи сега, плати подоцна) доживеа голем раст минатата година кога пандемијата принудуваше се повеќе луѓе да купуваат преку Интернет. Овој тренд го привлече вниманието на голем број финансиски компании, како што е PayPal. Но, според неодамнешните процени, пенетрацијата на индустријата на пазарот во САД е само два проценти, така што „Епл“ проценува дека има многу простор за раст и проширување.
Додавањето таква опција на Apple Pay сигурно ќе привлече повеќе корисници на платформата, а исто така ќе ги привлече кон повеќе плаќања на Apple Pay наместо со кредитни или дебитни картички. Apple зема процент за трансакции направени со Apple Pay, што дополнително би ја зголемило заработката од услугите што ги нудат, што во моментов изнесува повеќе од 50 милијарди долари годишно.
Влегувањето на толку голем играч, како „Епл“, на пазарот на одложено плаќање, и потенцијално на другите поголеми компании кои би можеле да го следат нивниот пример, би претставувало огромна конкуренција за компаниите што се занимаваат само со тоа. Блумберг пишува дека корисниците на „Епл Пеј“ би можеле да ги поделат износите на четири рати без камата или за неколку месеци со камата.
Доколку корисниците изберат да плаќаат на четири рати, ратите ќе се наплатуваат на секои две недели без камата, додека износот на камата за месечните рати се уште не е познат. Според „Блумберг“, „Епл“ ќе ја нарече оваа услуга „Apple Pay in 4“, односно “Apple Pay Monthly Installments”, а корисниците ќе можат да изберат дали и колку сакаат да плаќаат откако ќе го стават мобилниот телефон на ПОС терминал. „Голдман Сакс“ и „Епл“ не ги коментираа ваквите најави и сè уште не е познато дали услугата ќе се прошири надвор од САД.
Имајќи предвид дека дури и Apple Card не е достапна надвор од САД две години по нејзиното лансирање, тешко е да се поверува дека оваа услуга брзо ќе се прошири низ целиот свет. Дури и ако Тим Кук го вети тоа, се наведува во текстот.