Достоинство поднесе иницијатива за одликување на тројца починати генерали од 2001 година
По повод триесет години од самостојноста на државава, дваесет години од започнувањето на вооружените дејствија во 2001 година како и една година од влезот во НАТО, политичката партија Достоинство покрена иницијатива до претседателот Стево Пендаровски, за одликување на тројца починати генерали, припадници на македонските безбедносни сили, кои починале по завршувањето на воените дејствија.
-Поради покажаните извонредни успеси во организирањето и командувањето со безбедносните сили на Република Северна Македонија, успешна и ефикасна одбрана на независноста, безбедноста и територијалниот интегритет на државата, сето тоа во текот на вооружените дејствија во 2001 година, предлагаме со “Орден за воени заслуги” да се одликуваат починатиот генерал-полковник Панде Петровски, починатиот бригаден генерал Јосиф Бошевски и починатиот полициски генерал Ристо Галевски, изјави претседателот на партијата Достоинство Стојанче Ангелов.
Претседателот на партијата нагласи дека припадниците треба да бидат одликувани затоа што учествувале во вооружените дејствија против вооружени екстремистички и паравоени групации, со цел одбрана на независноста, територијата, интегритетот и суверенитетот на Република Северна Македонија.
Ангелов се повика и на законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили на РСМ и на членовите на нивните семејства во кој е дадена законска дефиниција, како и на членот 19 во кој е предвидено Претседателот на Републиката да доделува одликувања.
-Во членот два на овој закон е предвидено дека припадниците на безбедносните сили на Републлика Севена Македонија, во смисла на закон, се војник на отслужување на воениот рок, професионален војник, воен старешина и цивилно лице на служба во постојаниот состав на Армијата на Република Северна Македонија, униформирано лице во Министерството внатрешни работи, како и лице со посебни должности и овластувања вработено во Министерството за одбрана и во Министерството за внатрешни работи и воен обврзник во реервниот дел на Армијата и Министерството за внатрешни работи кои организирано учествувале во одбраната на незаависноста на територијалниот интегритет и суверенитет на Републиката, а денеска претседателот Пендаровски, формално поднесе иницијативата за одликување на починати генерали, истакна Ангелов.
Според него во вооружените дејствија во 2001 година учествувале голем број на припадници на безбедносните сили од сите законски наведени категории.
-Околу 65 загинаа, неколку починаа подоцна како последица на повредите стекнати во текот на вооружените дејствија,околу 300 беа потешко или полесноранети и повредени, најголем дел останаа неповредени, но одреден дел од нив доживеаја силни трауми кои во одредени случаи кај некои од припадниците на безбедносните сили предизвикуваа пострауматско психичко растројство, рече Ангелов.
Додаде дека се уште не е познат точниот број на припадници на безбедносните сили кои учествувале во вооружените дејствија во војната.
Од партијата сметаат дека е неспорно оти сите предложени генерали постигнале извонредни успеси во организирањето и командувањето со вооружените сили за време на војна и мир, во изградбата и јакнењето на одбранбената способност на државава, во командувањето и раководењето со безбедносните сили и воените единици.
Ангелов заклучи дека ваквиот потег ќе влијае на зајакнување на довербата помеѓу припадниците на безбедносните сили , но и дека ќе постават параметри за идните генерации.
Тој на крај се осврна и на нивниот изработен предлог закон за посебните права на припадниците на безбедносните сили во 2008 година, кој бил одбиен од тогашната власт.
-Во 2008 година беше изработен предлог закон за посебни права на припадниците на безбедносните сили кој што беше продлабочен и содржеше неколку права повеќе, за жал не наидовме на разбирање кај тогашната владејачка гарнитура, од страна на тогашните пратеници. Законот не беше изгласан, иако ние покренавме граѓанска иницијатива, собравме 32.000 граѓански потписи и истиот го предадовме во Собранието, да потсетам дека тоа беше само неколку години после војната, денеска 20 години подоцна според мене тоа е невозможна мисија затоа што имаме прво голема временска дистанца, а второ нашиот непријател од воениот конфликт во 2001 година сега е дел од Собранието и дел од Владата и за да се донесе било каков закон треба и тие да бидат согласни.