Достоинство е да се биде „народен поет“, кажа Михаил Ренџов во интервју за „Независен“

Елитизмот останува на недаровитите, на тие кои заскитале во поезијата, на кои местото не им е во неа, си го потценуваат народот од кој произлегуваат, но паѓаат во заборав, такви имало и ќе има,изјави ренџов во интервјуто за Независен од 2020 година


Фото: Б. Грданоски

Јас произлегувам од македонскиот народ и нему му припаѓам. Тој народ знае само за страдање, за мачеништво, тој народ е народ маченик. Тој страдал и опстојувал. Тој е избраниот народ. Упатен на бога, на господа. Тој ќе се спаси. Реков колку и да се опитуваат да ја згаснат поезијата, џабе го прават тоа зашто таа е непобедива. Достоинство е да се биде „народен поет“. Јас не летам во творештвото, но длабоко сум на земја, страдам со народот и тоа го пишувам. Елитизмот останува на недаровитите, на тие кои заскитале во поезијата, на кои местото не им е во неа, си го потценуваат народот од кој произлегуваат, но паѓаат во заборав, такви имало и ќе има, но времето не ќе ги види, изјави во интервју за „Независен“ во 2020 година, поетот и преведувач Михаил Ренџов, автор на неповторливите „Псалми“, „Јас. Елегии“, „Вечната бесконечната“…

Зошто ќе треба уште да паѓаме, до дното да стигнеме и да ни дојде умот, и зошто Блаже Конески, Матеја Матески, Славко Јаневски, Петре М. Андреевски…  не се заборавени, во продолжение на интервјуто.

Дали поетските музи уште ве тераат да пишувате?

Mене низ цел живот ми пееја музите. Јас сум нивен заробеник и ми нема спас од нив. Јас секојдневно им се навраќам, ги посетувам и им се молам да не ми го отмат перото од раце, да не ми ја остават душата да страда. Деновиве запишав: „Ако не пишувам , јас не постојам“. Порано  имам речено: „Јас не пишувам, јас издишувам, издишките ги  собирам, ги одбирам и ги запишувам“ . Значи ако не пишувам, не дишам.

Како успеавте да го достигнете врвот во еден свет во кој поезијата е поттурната настрана и каде што пишувањето песни станува една дејност на која јавноста не ѝ подарува речиси никакво внимание ? Зошто одеднаш заборавивме на Блаже Конески, на Матеја Матески, Славко Јаневски, Петре М. Андреевски…                                                      

Реков:поетот е одбран од бога. Штом господ те одбрал и те води и те заштитува исцелото предавање на зборот, верното служење, носи и „небесно качување“. Јас го барав и го постигнав тоа што го барав. Јас откако знам за себе, се фатив во костец со зборовите, посебно во младоста. Нешто ме влечеше кон поезијата. Мислам оти поетот се раѓа со тој „благослов и проклетство“. Завршив право, но не го сакав. Ни ден немам посветено на него. Во Библиотеката поминав над 35  години, дипломата ми носеше работно место, а јас одев на полето на културата на костец со зборот. Зашто од како знам за себе тоа беше мојата магија, тоа ме влечеше и јас со цело битие ѝ се дадов и се подадов. Но сѐ уште копам по себеси и го вадам она најпотребното за да му погодам на господа. Многу прашања ме стават во недоумица, затоа запишав: „Јас не сакам да знам кој сум, туку кој ќе бидам,тогаш кога не ќе бидам“. Се прашувам: дали зад себе ќе оставам нешто за да покажам, дека сум бил. Сум живеел. Така велеше Плиние Постариот. Ако оставам би требало да сум задоволен. Но тоа никој не го знае. Никој од наведените писатели не е заборавен. Тие со своето творештво се одбележаа себеси и му се даруваа на времето и општеството.

Фото: Б. Грданоски

Во вашата поезија, која е духовна, емотивна  и повеќеслојна, секогаш се повикувате на народот. Бегате од елитизам или едноставно се чувствувате како народски поет?

Јас произлегувам од македонскиот народ и нему му припаѓам. Тој народ знае само за страдање, за мачеништво, тој народ е народ маченик. Тој страдал и опстојувал. Тој е избраниот народ. Упатен на бога, на господа. Тој ќе се спаси. Реков колку и да се опитуваат да ја згаснат поезијата, џабе го прават тоа зашто таа е непобедива. Достоинство е да се биде „народен поет“. Јас не летам во творештвото, но длабоко сум на земја, страдам со народот и тоа го пишувам. Елитизмот останува на недаровитите,  на тие кои заскитале во поезијата, на кои местото не им е во неа, си го потценуваат народот од кој произлегуваат, но паѓаат во заборав, такви имало и ќе има но времето не ќе ги види.

Тоа што ја одржува во животот поезијата е – отпорот. Секој чин на пишување песни денес во светот е еден вид отпор. До вчера, во овие краишта, тоа беше отпор против обидите поезијата да се претвори во орудие на претераната идеологизација во служба на политичката елита. Денес – песната станува еден вид отпор против сè пожесток а и сè понемилосрдната материјализација на сè што постои. Би го цитирала Влада Урошевиќ кој во поетска порака на СВП  во овој контекст рече: Светот вели: „Сè е на продажба!“ Песната одговара: „Сè освен мене!“ Како е да се живее во свет кој гледа низ очите на профитот, а не може без духовни потреби?

Секое творештво е отпор кон редот на нештата, кон оноа што го создале неталентите. Тоа е градење за себеистакнување, за летање но навика за паѓање. Недаровитоста е  белег кој ги краси нив, а од нив никакво фајде, никаква добит. Тие мислат само на себеси, самосебе-залажување.

Вистинскиот поет е оној кој дава, а не зема. Се опитаа да ја идеологизират поезијата, се запишаа себеси во неа но исчезнаа. Поезијата остана да биде отпор кон политизацијата и доминација на недаровитите. Тоа беше и е осудено занавек.

Напишавте дека не сакате да знаете кој сте, туку кој ќе бидете тогаш кога нема да бидете. Дали тоа е всушност целта на едно творештво, да остане и на идните поколенија и да му се навраќаме заради неговата вредност?

Веќе погоре одговорив на ова прашање. Ќе повторам: поетот е да создава, што ќе создаде негово е, поточно на народот е. Дали ќе го паметат зависи од тоа што оставил, што на народот му дал. За жал, малку се оние кои дават без да земат. Времето е такво. Со малку да се земе многу. Таквите најчесто пропаѓаат. Народот не заборава. Нив ги заборава.

Ги освоивте сите можни награди и признанија кај нас. Имате ли некоја неостварена желба?

Што е речено речено е, што е издишано, издишано е, што е запишано, запишано е. Сакам да го објавам напишаното – необјавеното. Тоа ми е неостварената желба. Тоа ќе биде уште една одбрана на македонскиот народ на кој исцело му припаѓам, тоа ќе биде одбрана на неговото постоење, неговата суштина, благословот божји кон вечноста на неговиот јазик и националност.