Доставено барање до Шилегов за стишување на „Самрленд“


Жителите на Дебар Маало доставија барање до Град Скопје и до градоначалникот Петре Шилегов преку кое повикуваат да се намали секојдневната бучава што се создава за време на одржувањето на фестивалот „Самрленд“. Жителите се организираа и преку петиција првично бараа дислокација на фестивалот кој трае речиси цел месец, до 28 јули. Град Скопје како организатор на фестивалот најави бесплатна музичка забава за сите граѓани, но жителите се жалат дека оваа манифестација предолго трае и бучавата секојдневно ги вознемирува.
Дебармаалци бараат надлежните од Град Скопје да преземат мерки и активности со цел избегнување, спречување и намалување на бучавата при организирање манифестации и концерти на отворен простор, како за споменатиот настан така и за која било програма која нуди неакустични инструменти и опрема организирана во Градскиот парк.
„Целта на ова барање е да се отстрани нивото на бучава од аспект на создавање здрави услови како за животот на луѓето, жителите во непосредна близина на Градскиот парк, така и заштита на животната средина – обезбедување заштита и благосостојба на животните во Зоолошката градина, чија локација е во самиот Градски парк“, се вели во барањето.
Понатаму, се бара сите културно-забавни манифестации на отворен простор кои вклучуваат опрема за озвучување, а кои не се во можност да обезбедат акустичен комфор и заштита од бучава, да не добиваат дозвола за одржување во Градскиот парк.
„Пракса во светот е ваквите настани да добиваат дозвола за одржување на локација надвор од населено место. Изградба на сцената Школка и идејата за одржување на акустични музички настани потекнува од време кога не можело ни да се замисли систем на озвучување со какво се располага во денешно време. Следствено на тоа, секоја музичка манифестација, со исклучок на акустична изведба, како на оваа сцена така и на која било локација на отворен простор во Градскиот парк, би можела да предизвика вознемиреност и штетни влијанија врз луѓето и животните кои се сместени во Зоолошката градина во срцето на Градскиот парк“, стои во барањето.
Жителите на Дебар Маало додаваат дека со дислоцирање на ваквите настани на локација подалеку од населено место ќе се покрене свесноста повеќе да се користи јавниот превоз или такси-службите со што би се намалил сообраќајот во овој дел од градот, како и проблемот со паркирање кој е составен дел од животот на луѓето во Центар и оние што живеат во околината на паркот.
Според дебармаалци, тие не се против одржување забави и веќе се навикнати и се толерантни на оние што траат еден-два дена, но овој фестивал трае предолг период од речиси цел месец.
Од Град Скопје сè уште нема одговор на ова барање.

Ивана Настеска