Доставена хуманитарната помош од Грција за Украина


Грција секогаш на вистинската страна на историјата! Мисијата е завршена, напиша на социјалните мрежи грчкиот заменик-министер за одбрана Никос Хардаљас, откако хуманитарната помош од Грција за Украина, пристигна во Полска, јави дописничката на МИА од Атина.

Хардаљас ја предводеше грчката делегација што пренесе медицински материјали и продукти за основни потреби, а хуманитарна помош со воени авиони C-130 и карго летови беше транспортирана во Полска за оттаму да биде доставена до украинските граѓани, но и до грчките иселеници.

При поаѓањето од Атина, заменик-министерот за одбрана рече дека Грција ја поддржува Украина на секој начин, а во тие рамки е и хуманитарната помош.

-Нашата солидарност, нашите желби, нашите молитви се со украинскиот народ и нашите иселеници, кои претрпеа такви трагични загуби, истакна Хардаљас.

Освен хуманитарна помош, Грција испрати и одбранбен материјал за Украина, а според грчките медиуми помошта вклучува муниција, пушки од типот Калашников и фрлачи.