Доста беа зборови, време е Македонија да ги почне преговорите, порача австриската министерка Едштадлер
Австриската министерка рече дека ЕУ не смее да дозволи да ги загуби луѓето од Западен Балкан и да остави Путин да ги дели
Во времето на руската агресија врз Украина ЕУ мора конечно да ги оствари своите ветувања кон Македонија и нема веќе простор за оддолжување, изјави денеска во Скопје австриската министерка за ЕУ и уставни прашања, Каролине Едштадлер. „Не се доволни само зборови, а Австрија е тука да ја поддржи земјата, како и другите земји во регионот да во правец на ЕУ. Западниот Балкан е прашање на безбедноста на ЕУ и останува прашање на веродостојноста на ЕУ“, рече Едштадлер на прес-конференција вицепремиерот за европски прташања Бојан Маричиќ.
„Ние како ЕУ ќе направиме сѐ што можеме за овој регион, а пред се Северна Македонија, конечно да добие една доверлива перспектива со факти и со чекори коишто се реални, коишто со децении ги чекаме и говориме за нив. Јас сум оптимист дека сега е вистинскиот момент да го поставиме курсот. Во почетокот на февруари бев во Софија и особено разговарав за односите со Бугарија и имам многу добро чувство процесот на проширување кон ЕУ ќе се отвори. Уште појасно за нас беше од 24 февруари 2022 кога ништо повеќе нема да биде како што беше. Ние како политичари имаме многу одговорност“ рече Едштадлер.
Таа нагласи дека е разбирливо што кај луѓето има разочарување. „Ова разочарување сакаме да го прекинеме со поддршка за нашите партнери Бугарија, Северна Македонија и Албанија овие проблеми да бидат решени со надеж нешто навистина да се случи за време на француското претседателство и на граѓаните да им се даде чувство дека Европа не само говори и разговара, туку и дека е тука. Тоа не смееме да го дозволиме и затоа оваа можност ќе ја искористиме и тука сакам јасно да кажам дека ЕУ не е комплетна без земјите од Западен Балкан, особено Северна Македонија“, рече Едштадлер.
Таа испрати силна порака дека „ние во ЕУ не смееме да ги изгубиме луѓето на Западен Балкан. Треба заедно, да останеме сплотени со ЕУ и ЕУ мора јасно да го осознае она што Путин сака да го направи. Путин сака да ги дели луѓето. Сакам тука да укажам дека имаме сигурност, имаме безбедност и треба посилно да се поврземе со вас и тоа се надевам заеднички ќе го спречиме“.
Вицепремиерот Маричиќ истакна дека Австрија ја препозна вистинската и несомнена ориентација на Северна Македонија кон европските вредности и идеали и дава безрезервна поддршка и заложба особено за Македонија и Албанија во евроинтегративниот процес. Според него, иднината на нашата земја и на целиот регион е европски и време е тоа да се потврди.
„Македонија вложи навистина вонсериски напори и успеа да покаже дека е доверлив партнер на ЕУ и дека не ја менува својата политика преку ноќ, дури и кога нашиот макотрпен труд не е целосно валоризиран и не оди во прилог на политиката на проширување. Очекуваме ЕУ гласно да ги потврди нејзините интереси за обединување на европскиот континент и после долг период да ја врати динамиката на проширување кон земјите од Западен Балкан, кои повеќе од една деценија чекаат пред портите на ЕУ“, рече Маричиќ.