Досега вакцинирани над 278 илјади граѓани во земјава


Фото: Б. Грданоски

На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 278.202 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 2.683 граѓани, а вкупно се вакцинирале 7.202 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 482.058 дози вакцини, а ревакцинирани се 203.856 граѓани, соопшти Министерството за здравство.

Со последните бројки, наведуваат, 50 проценти од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 45 отсто од населението над 65 години е вакцинирано  со барем една доза вакцина и 38 посто од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.

– Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 456.607 граѓани, посочуваат од Министерството.

Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб страницата vakcinacija.mk а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура. Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 СЦ Борис Трајковски во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп.

Министерството за здравство апелира до граѓаните масовно да се пријавуваат на vakcinacija.mk, бидејќи, како што посочуваат, тоа е најлесниот и најбрз пат да се вакцинираат.