Досега убиени 198 Украинци, воена помош за Киев стига од многу земји

Меѓу убиените цивили во нападите на руските сили има и три деца.


Украинското Министерство за здравство соопшти дека досега се убиени 198 луѓе, од кои три се деца, а повредени се 1.115 лица од кои 33 деца.

Владата на Чешка одобри испраќање оружје од 8,6 милиони долари за Украина, a Холандија соопшти дека ќе испорача уште 200 ракети за противвоздушна одбрана. Претходно воена помош најави и Франција. Чешка ќе донира   автоматски и снајперски пушки, пиштоли и муниција , a Министерството за одбрана ќе се погрижи и за транспортот до место поставено од украинската страна со најава дека и натаму ќе продолжи помошта за Украина од оваа земја. Прага во јануари и донираше на Украина 4.000 артилериски гранати во вредност од 1,5 милиони евра.

 Украинскиот министер за надворешни работи, Дмитриј Кулеба, соопшти дека на Украина и е доставено противтенковско оружје, опрема за противвоздушна одбрана, муниција за сите видови оружје и артилерија, возила, панцири и гориво.Кулеба на Фејсбук напиша дека секој нов ден носи нови санкции, оружје и изолација на Русија.

„Главното е да застанете цврсто и да го држите Киев“, истакна украинскиот министер.

Кулеба рече дека ноќеска трелефонски разговарале претседателите на САД и на Украина, Џозеф Бајден и Владимир Зеленски, како и оти Бајден одлучил веднаш да додели 600 милиони долари за Украина, од кои 250 милиони за општа и 350 милиони за воена помош.

„Покрај тоа Белата куќа побарала од Конгресот одобрение да одвои 6,4 милијарди долари за поддршка на Украина, од кои 3,5 милијарди се за одбрана“, вели Кулеба. 

 Русија исто така доби официјално известување од Бугарија, Полска и Чешка дека на руските авиони им е забранет влез во воздушниот простор на тие земји, јавија руските медиуми.Според московски медиуми, Русија сега планира понатамошни активности.

„Бугарија, Полска и Чешка испратија известување за забрана за користење на нивниот воздушен простор (за руски авиони), така што сега ги разгледуваме нашите идни дејствија“, наведе извор од воздухопловните руски власти.