Досега се потврдени шест случаи на хантавирус, два се веројатни, објави СЗО
До вчера, шест случаи на хантавирус се потврдени од осум сомнителни случаи пријавени по епидемијата на крузерот MV Hondius во Атлантскиот Океан, објави Светската здравствена организација (СЗО).
„До 8 мај, пријавени се вкупно осум случаи, вклучувајќи три смртни случаи (стапка на смртност од 38 проценти). Шест случаи се лабораториски потврдени како инфекција со хантавирус, од кои сите се идентификувани како предизвикани од вирусот на Андите, за кој е познато дека се пренесува меѓу луѓето“, се вели во соопштението на СЗО. Додаде дека преостанатите два случаи се сметаат за „веројатни“.
СЗО забележува дека четири пациенти се моментално хоспитализирани. Еден е на интензивна нега во Јоханесбург, Јужна Африка, двајца се во различни болници во Холандија и еден е во Цирих, Швајцарија.
СЗО појасни дека лицето кое се лекува во болница во Дизелдорф, Германија, имало негативен тест и „затоа повеќе не се смета за случај“.
Крузерот „МВ Хондиус“, кој патуваше од Аргентина до Капо Верде, е во фокусот на меѓународното внимание откако СЗО објави дека тројца патници починале и дека постои сомневање дека се заразени со хантавирус.