Досега разрешени 16 судии, ќе треба уште повеќе
Разрешувањето на судијата-поротник Митко Сандев поради навршените 60 години уште еднаш го отвори прашање за ефикасноста на судските постапки и нивното одолговлекување најмногу поради интересите на некои од обвинетите. Поради пензионирањето на поротникот на почеток се враќа најголемиот предмет на поранешното СЈО „Титаник“, потоа „Талир 2“, „Топлик“ и „Тендери“. Претходно беше разрешен судијата Горан Бошевски заради застарување предмети, кој ги водеше случаите „Траекторија“ и „Талир 1“. И тие два случаи се враќаат на почеток.
Досега Судскиот совет разреши 16 судии поради несовесно работење, одолговлекување на постапки или поради конфликт на интереси. Но јасно е дека тоа е само врвот на сантата мраз која го има потиснато македонското судство. Големиот проект за филтрација на судството што го започнаа политичките и судските власти ќе треба да продолжи со уште поголемо темпо. Затоа што ако го земеме за пример случајот на пензионирањето на поротникот Сандев со многугодишно одолговлекување на процесите и во други случаи може некој од судиите да ги исполни условите за пензионирање и процесите да се враќаат на почеток. Поради неактивноста или намерното пролонгирање на одредени процеси Кривичниот суд сега се поставува во ситуација да поставува судии-поротници кои се далеку од годините за пензионирање. Тоа е меч со две острици – затоа што судиите треба да се бираат според годините, а не според искуството и знаењето.
Методологија по која Судскиот совет ги прави проверките во судството и разрешување на оние судии за кој е утврдено дека направиле пропусти во работата или пак намерно застарувале предмети, почна да функционира, но и за неа треба дополнителна динамика.
Во извештаите на ЕУ за Македонија речиси редовно се забележува дека судските процеси траат недозволиво долго и дека тоа е поврзано со оценките за владеење на правото. Но прашање е што би можела да направи Владата со сите нејзини заложби и иницијативи, ако во судските сали некои од судиите постапуваат не според судската практика, туку според некои други интереси.
Резултати има, но перцепциите и фактичките состојби тешко дека може брзо да се променат по долги и долги години разделување на правото не според законот туку според партиски или бизнис интереси. Разрешените 16 судии се почеток на проветрување на судството, но за зацврстување на правната држава треба сите целосно да се посветени на оваа клучна акција за македонското општество.