Досега продадени 58 отсто од влезниците за ракометното Европско првенство


Два месеци пред почетокот на Европското ракометно првенство во Германија, организаторите соопштија дека досега се продадени 58 отсто од влезниците за турнирот што на 10 јануари во Дизелдорф ќе биде отворен со дуелот меѓу македонската и француската репрезентација.

– Пред Божиќ ќе почнеме со интензивна рекламна кампања. Сигурни сме дека ќе имаме полни сали на сите локации, порача извршниот директор на Ракометната федерација на Германија (ДХБ), Марк Шобер.

Европското првенство ќе биде отворено на 10 јануари со двојна програма во „Меркур Шпил“ Арена со натпреварите меѓу македонската и француската репрезентација, од 18 часот, и селекциите на домаќинот Германија и Швајцарија, од 20:45 часот. За двата воведни натпревари се продадени повеќе од 50.000 влезници што е нов светски рекорд за ракометен натпревар.

За да ги покријат трошоците за организација на ЕУРО2024, кое ќе финишира на 28 јануари, организаторите ќе мораат да продадат меѓу 70 и 75 отсто од вкупниот број влезници.

Европското првенство ќе се игра во Дизелдорф, Берлин, Келн, Минхен, Хамбург и Манхајм.

Македонската ракометна репрезентација е во групата А со домаќинот Германија, Франција и Швајцарија.