Досега поделени над 33.000 картички за „зелена нафта“


Фото: Б. Грданоски

Вчера почна распределбата на 1.672 персонализирани картички за „зелена нафта“ на земјоделците од Велес, Чашка и Градско, кои се во вкупна вредност од околу шест милиони денари.

Преку оваа мерка, и институциите и земјоделците се приспособуваат кон земјоделската политика на ЕУ, а на сметките на 55.000 земјоделци во Македонија се враќаат околу 200 милиони денари со кои се покриваат 30 проценти од трошоците за нафта. Платежната агенција досега дистрибуирала вкупно 33.331 персонализирани платежни картички за „зелена нафта“. Покрај во Велес, доставени се и во подрачните единици: Битола, Прилеп, Кривогаштани, Штип, Свети Николе, Куманово, Струмица, Валандово, Гевгелија, Велес, Тетово, Боговиње, Гостивар, Радовиш, Берово, Виница, Делчево, Пробиштип, Кратово, Крива Паланка, Демир Хисар и Ресен, односно во 22 подрачни единици.

До крајот на месецот сите кои ги исполнуваат условите за добивање на средства од оваа мерка треба да ги добијат картичките.

Од Платежната агенција апелираат до сите земјоделци при подигање на картичките да направат споредба на износот кој го имаат на картичките со износот кој им е одобрен на решението. Доколку има разлика, треба да пријават до подрачните единици за да биде коригиран износот.

Со средствата што ги имаат на картичките, земјоделците ќе можат да полнат исклучиво еуродизел гориво за земјоделска механизација.