Досега над 14 илјади осигуреници кои не беа се распределени во приватните пензиски друштва


Фото: Б. Грданоски

Над 14 илјади вработени, осигуреници на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и идни пензионери, кои се во двостолбниот пензиски систем повеќе години, а не им биле префрлани средствата, се распределени во приватните пензиски друштва. Од Фондот за пензиско на нивните сметки во приватните друштва се префрлени околу 18 милиони евра.

– Од Фондот за пензиско кон друштвата согласно законските измени се префрлени 14.032 осигуреници, кои сега се членови во вториот пензиски столб, односно се префрлени и вкупно една милијарда и 100 милиони денари. Морам да напоменам дека ова не се конечни износи на средства, ниту конечна бројка на осигуреници. Тие треба да се знаат до 30 септември, рече Дарко Саздов член на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување.

Тој на денешната прес-конференција во МАПАС, одговарајќи на новинарско прашање рече дека бројката се менува во зависност од тоа како во Фондот за пензиско се разгледуваат и решаваат случаите, кои потоа се префрлаат во приватните пензиски фондови.

Нерегуларноста со несраспределба на осигурениците во вториот столб ја објави Министерството за труд и социјална политика. Нивната проценка беше дека станува збор за околу 12 илјади граѓани на кои приемот во осигурување им е во периодот од 2003 до 2007 година, а не од 2009 и 2010 година.

Саздов информира и дека согласно неодамнешните законски измени, од пензиските друштва во Пензискиот фонд биле префрлени околу 16.600 членови, односно околу две милијарди и 400 милиони денари. Станува збор за осигуреници кои кога беше реформиран пензискиот систем биле распределени и во вториот столб, иако не било задолжително, а подоцна се покажало дека тоа не е во нивна полза.