Допрва ќе се одлучува како во Законот за јазици ќе се вградат забелешките од Венецијанската комисија


Фото: Б. Грданоски

Владата се уште не расправала како во Законот за јазици ќе се вградат забелешките кои ги има Венецијанската комисија и како решенијата од овој закон ќе влијааат на подготвките на Законот за кривична постапка, имајќи предвид дека најсуштинските забелешки се однесуваа токму на оваа сфера. Ова е суштината на одговорот на министерот за правда Бојан Маричиќ, на прашањата од новинарите што ќе преземе Владата во однос на забелешките што Венецијанската комисија ги имаше за Законот за јазици.

„Принципиелно, ние секогаш како Влада сме ги почитувале препораките на Венецијанската комисија. Се уште не сме ги разгледувале на ниво на Влада, ниту пак сме одлучувале како ќе се имплементираат и во кој временски период“, рече Маричиќ.

Тој додаде дека во наредниот период ќе се разгледа тоа прашање и дека ќе треба да се направи некој вид на работна група која ќе треба да помине детално низ забелешките и коментарите на Венецијанската комисија,, за што јавноста ќе биде известена.

„Во однос на Законот за јазици и Законот за кривична постапка, ние ќе ги разгледаме сите аспекти и се консултираме пред се со претставниците на судската власт бидејќи тие имаат увид во конкретната имплементација на правилата“, рече Маричиќ.

Тој нагласи дека Законот за кривична постапка е закон што се носи со двотретинско мнозинство и треба да донесе подобрување на системот.

„Имајќи го тоа во предвид веќе дадов налог за скорешно формирање работна група која ќе опфаќа и експерти, но и претставници на политичките партии во Собранието бидејќи треба да се гласа со двотретинско мнозинство, и во која што ќе се стават сите аргументи на маса“, рече министерот за правда, додвајќи дека најмногу забелешките на Венецијанската комисија се однесуваат на функционирање на Законот за јазиците во правосудството.

Целта е, како што нагласи, да се донесе закон за кривична постапка што ќе го подобри системот, ќе ги надмине слабостите увидени во овие десет години со досегашниот Закон за кривична псотапка, ќе се олесни работата на кривичната постапка и ќе се подобри во сите аспекти.