Допрва ќе се избираат воен и дипломатски претставник во НАТО


На прагот на полноправното членство во НАТО, нашата земја уште извесно време ќе биде без свој воен и дипломатски претставник во седиштето на оваа организација во Брисел. Новиот претседател Стево Пендаровски, како што соопштија од неговиот кабинет, потпишал указ со кој го отповикал бригадниот генерал Мирче Ѓоргоски од воен претставник на Северна Македонија во НАТО. Ѓоргоски, некогашен аѓутант на Ѓорге Иванов, всушност, воопшто не замина во Брисел, затоа што министерката за одбрана Радмила Шекеринска го искористи правото да не го испрати на должноста. Причина беше тоа што претходниот претседател го објави указот за неговото именување во период по распишувањето на претседателските избори, така што интервенираше и Антикорупциската комисија.

Извори од кабинетот на Пендаровски велат дека местото воен претставник во НАТО е празно подолго време, односно од враќањето на сегашниот началник на Генералштабот Васко Ѓурчиновски во земјава за да ја преземе новата функција. Сепак, како што велат изворите, на тоа место има вршител на должност, како што има и в.д. амбасадор во нашата дипломатска мисија во Алијансата, за каде што исто така не беше договорен дипломатски претставник меѓу поранешниот претседател и Владата.

Кон крајот на февруари годинава, Иванов потпиша неколку укази за именувања и унапредувања во армијата и тоа користејќи го старото име на државата, иако во тоа време веќе беа уставните амандмани што произлегоа од Преспанскиот договор. Со оглед на тоа што Антикорупциската комисија утврдила прекршувања на Изборниот законик и на Законот за спречување корупцијата, за што Иванов, веројатно, ќе треба да плати глоба, Пендаровски сега со нови укази разрешил петмина од шестемина старешини што неговиот претходник ги промовира на нови позиции во Армијата пред неговото заминување од функцијата. Единствено останува да важи указот на Иванов за унапредување на началникот на ГШ – Ѓурчиновски, од чин генерал-мајор во генерал-потполковник, затоа што, според објаснувањето, во Законот за одбрана не е предвидено одземање чин, освен ако носителот на чинот е лично одговорен за кривично дело или тешка дисциплинска повреда.

За разлика од случајот со Ѓоргоски, кој не заминува во Брисел, Пендаровски сега, всушност, го потврди решението на Иванов за испраќање на полковник Маријо Јуришиќ за одбранбено аташе во Париз, со тоа што прво го разрешил од позицијата, па повторно го именува. Согласно новите укази, бригадниот генерал Орце Јордев е разрешен, па повторно поставен за заменик на командантот на Здружената оперативна команда во ГШ на АРМ. Полковник Бесник Емини е разрешен од началник на штаб во Здружената оперативна команда и е поставен за командант на Првата механизирана пешадиска бригада, односно едно скалило подолу.

Министерството за одбрана сега треба да одлучи каде ќе биде поставен полковник Драган Ковачки, кого Пендаровски го разреши од местото на кое го постави Иванов – командант на Првата механизирана пешадиска бригада во Здружената оперативна команда во ГШ на Армијата.

Од претседателскиот кабинет велат дека Пендаровски постапил по одлуката на ДКСК, која утврдила дека поранешниот шеф на државата сторил дејствија што се забранети за време на изборниот процес и со тоа ги прекршил законите за избори и за спречување корупција и судир на интереси. Новиот претседател ги донел одлуките по долги и сеопфатни консултации, при што му било советувано дека нема правен основ да ги поништи указите на Иванов. За да има поништување, потребно било ДКСК да воочи судир на интереси или корупција при именувањата, а таа утврдила само основа за прекршочни пријави против Иванов. (A.M.M.)