Дополнително ќе биде закажано гласањето за Предлог-одлуката за распределба на средства меѓу буџетските корисници


Пратениците попладнево во рамки на продолжението на 126. пленарна седница ја завршија расправата за Предлог-одлуката за распределба на средства меѓу буџетските корисници на централната власт и помеѓу фондовите. Потпретседателот на Собранието Горан Мисовски соопшти дека за гласањето по оваа точка пратениците дополнително ќе бидат информирани.

Министерот за финансии Фатмир Бесими во обраќањето истакна дека главна цел на Предлог одлуката е распределба на барањата коишто произлегуваат од синдикатите каде што се предвидуваше зголемување на платите на вработените во јавниот сектор за 10 отсто вклучувајќи ја и исплатата за септември и на крајот на годината 10.000 денари К-15, што е дел од Колективниот договор, како и средства за второ зголемување од 6 отсто за пензионерите, според Законот. Тој додаде дека оваа година воведена е Методологија за зголемување на средствата за социјалните трансфери во субвенции. Исто така и поддршката што им се дава на домашните и странските компании, за здравство, односно за лекови за пациентите со цистична фиброза и со дијабет.

-Вредноста на оваа релокација е околу 300 милиони евра и без да се зголемува дефицитот што е предвиден на почетокот на оваа година. Фискалната импликација на овие измени се за исплата на зголемените плати во октомври, ноември и декември за сите вработени во јавната администрација за што се обезбедени 4,25 милијарда денари, за зголемените пензиите од 6 отсто за пензионерите се обезбедени 3,5 милијарди денари, 1,8 милијарди за поддршка на домашните и странски компании, 800 милиони денари за субвенции, 600 милиони денари за исплата на социјални права за гарантираната минимална помош, 290 милиони денари за зголемениот износ на студентскиот оброк и стипендии за ученици и студенти, 260 милиони евра за превод, печатење и откуп на учебници за основно и средно образование, 110 милиони денари за справување со Африканската чума, 100 милиони денари за набавка на лекот „Трикафта“ за 55 пациенти, како и 20 милиони денари за дигитални сензори за мерење на шеќерна болест, рече министерот за финансии.

Тој нагласи дека за да се направи оваа релокација тоа е направено од ставки каде има помала динамика на реализација, со заштеди и зголемени приходи од придонеси, а биле прифатени и неколку амандмани – шест од мнозинството и два од опозицијата.

-Гарантираме дека во текот на оваа година Буџетот ќе биде ликвиден и дека ќе се сервисираат обврските за исплата на плати, пензии и други обврски, како и за средства за справување со предизвиците од кризата, рече Бесими.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека нема да ја поддржат Предлог одлуката за која оценија дека практично станува збор за класичен ребаланс на буџет, само со скратени рокови, а со цел да се сокрие од јавноста, како што велат, пропадната економија, да се продолжи со договарање тендери во четири очи и со тенденцијата на мнозинството од власта да ги кочи општините во својот развој.

-Оваа предлог одлука која нема да помогне на граѓаните, која нема да ја намали цената на храната, нема да ги стимулира капиталните инвестиции, нема да се изградат нови градинки и училишта, нема средства за нов пат или автопат… Средствата од оваа одлука нема да ги добијат граѓаните и стопанството, но ќе гледаме избор на подизведувачи на автопати и сомнителни проекти. Токму затоа ова нешто што е ситно и задоцнето за плати и пензии ќе го поддржиме. Но нема да поддржиме очигледен сторен криминал, затоа што вакви криминални одлуки никогаш нема да поддржиме, подвлече пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ.

На дневен ред на оваа седница се останати и измените на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси и Предлог-измените на Законот за здравствена заштита.

Потпретседателот Мисовски соопшти дека пратениците дополнително ќе бидат информирани за гласањето и за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за извршување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2023 година, по скратена постапка. Потоа ја прекина седницата и најави дека за продолжување на оваа седница пратениците ќе бидат дополнително информирани.