Дополнителни 37 милиони евра од СБ во Проектот за поврзанот преку локални патишта


Светската банка одобри дополнителни 37 милиони евра на средствата прераспределени од Проектот за поврзаност преку локални патишта во мај 2020 година за надминување на Коцвид-19 пандемијата.

Во соопштението од Канцеларијата на Светската банка во земјава наведуваат дека со ова финансирање ќе се поддржи рехабилитација на патиштата и други слични подобрувања, вклучувајќи автобуски станици, тротоари, велосипедски објекти, подобрено одводнување и механизми за безбедност и ќе се поттикне економската конкурентност, ќе се поддржи растот во рамките на општините кориснички и ќе се обезбедат повеќе и подобри можности за луѓето ширум земјата.

Проектот има за цел подобрување на капацитетите на Владата да управува со локалните патишта, да го зголеми пристапот на пазарот и да ги подобри услугите преку рехабилитација и подобрување на околу 450 километри локални патишта, што ќе овозможи подобар и побезбеден транспорт во 80 општини учеснички. Во општините кориснички спаѓаат рурални заедници со висока стапка на сиромаштија и кои повеќе се потпираат на земјоделство, како и урбани општини и подрачја со социоекономски разнообразно население.

– Иако земјата оствари значителен напредок во подобрување на националната патна инфраструктура и поврзаност, сѐ уште се потребни реформи во управувањето и надградбата на мрежата на локални патишта за да се зголеми отчетноста и одржливоста на секторот, вели Светлана Вукановиќ, виш специјалист за транспорт на Светската банка и тим лидер на проектот.

Таа додава дека дополнително, подобрувањето на климатската отпорност во рамките на мрежата на локални патишта претставува придобивка за жителите и бизнисите, бидејќи на тој начин ќе се намали веројатноста и сериозноста на климатски поврзаните прекини на пристапот до услугите, работните места и пазарите.

Од СБ оценуваат дека со ова дополнително финансирање ќе бидат заменети средствата од оригиналниот Проект за поврзаност преку локални патишта – одобрен од страна на Светската банка на 19 декември 2019 година, наменети за одговор на пандемијата на Ковид-19.

Светската банка потссетува дека на 8 мај 2020 година ја активираше компонентата за вонреден одговор на итна состојба (ЦЕРЦ) на проектот по барање на Владата, со што овозможи 37 милиони евра да бидат насочени кон финансиската поддршка на вработените во приватниот сектор сериозно погодени од кризата од Ковид-19 и воспоставување механизам за поддршка на приходите за месеците април, мај и јуни 2020 година.

– Ковид-19 сериозно влијаеше врз Северна Македонија и активирањето на компонентата за вонреден одговор на итната состојба им овозможи на фирмите да ги ублажат директните финансиски предизвици и им овозможи да задржат што е можно повеќе вработени, вели Масимилијано Паолучи, директор на канцеларијата за Светската банка за Северна Македонија и Косово.

Според него, ова дополнително финансирање ќе овозможи зачувување на примарната цел на проектот за создавање поздрав транспортен сектор ширум земјата – што претставува клучна компонента за подобрување на пристапот до пазарите и услугите, а оттука и за обнова на економијата на Северна Македонија и за обезбедување добри можности за вработување.