Допис до Филипче: Неврологија нема услови да биде ковид центар

Фото: Б. Грданоски

Министерот за здравство Венко Филипче деновиве најави дека доколку има потреба и Клиниката за неврологија  може да стане ковид центар, но колегиумот од Клиниката му упатија допис на министерот и го известуваат дека условите не се соодветни за болни од корона. Одлуката на состанокот е донесена едногласно.

-Стручниот колегиум на состанокот завзема едногласен став дека клиниката не ги исполнува критериумите и условите за ковид центар поради тоа што тука се хоспитализираат пациенти со невролошки заболувања од целата земја кои добиваат адекватен специфичен третман кој не можат да го добијат во друга клиника/болница/установа. Доколку пациентите со невролошки болести (мозочен удар, епилепсија, епилептичен статус, мијастенија гравис, мултипла склероза, акутен полирадикулоневрит, трансферзален миелит, деменција, екстрапирамидни заболувања, болни синдроми) не се хоспитализираат, дијагностицираати лекуваат на нашата клиника, многукратно се зголемува ризикот од морбидитет и морталитет од овие болести, се вели во дописот до Филипче.

Според лекарите пациентите со овие болести ќе бидат лишени од адекватна и високо стручна терапија и нега доколку им се оневозможи хоспитализација и третман на Клиниката. Тие информираат и со факти за колку пациенти станува збор.

-На Клиниката во текот на 2020 година (заклучно со 30.10.2020) се извршени 12.489 амбулантски прегледи и 944 контролни прегледи, со остварени 810 хоспитализации. Компјутеризирана томографија на мозокот е направена кај 2614 пациенти, Електронцефалографија ЕЕГ кај 465, Електромиографија со неврографија ЕМГ кај 286, Евоцирани потенцијали – ВЕП кај 113, Доплер на вратни крвни садови кај 98, Евоцирани потенцијали СЕП кај 143, Невропсихолошки наод кај 60, ЕЕГ со депривација на сон кај 20 пациенти. Тераписка постапка плазмафереза е направена кај 26 пациенти. Вкупни прегледи на пациенти со мозочен удар – 1077, со хоспитални исписи 227, со 11 интравенска тромболиза, се вели во дописот во кој се даваат податоци за прегледи за сите сите болести.

-Тие укажуваат на Клиниката има систем за централна климатизација која влијае врз побрзо ширење на КОВИД-19 вирусот низ воздухот и не постои просторија чисто/нечисто која е неопходна при работа со инфективни високо-ризични пациенти.

-Довод на централен кислород е достапен само во мал дел од собите. Се надеваме дека ќе го уважите нашиот став во интерес на здравјето на нашите пациенти, се вели во дописот од Стручниот колегиум на Универзитетската клиника за неврологија.