Донев, како што пренесуваат бугарските медиуми, потсетил на реакцијата на бугарската држава во 1990-тите кога се распадна Југословенската федерација, а Бугарија прва ја признала Северна Македонија, и прва и обезбедила воена опрема.

Тој нема информации дека и некои граѓани на Бугарија се закана за безбедноста на Северна Македонија. Вели дека е „разочаран од реакциите на македонските власти и неусогласеноста меѓу зборовите и делата, кои не соодветствуваат со барањата на Република Северна Македонија за членство во ЕУ“, но смета дека треба да продолжи дијалогот меѓу Софија и Скопје.

– Нема да го прекинеме дијалогот со Република Северна Македонија, во кој Бугарија покажа и докажа дека е целосно позитивна. Но, мора да постои взаемен однос, истакнал Донев.

Запрашан дали сето она што се случи го смета за провокација, Галаб Донев одговорил: „Да кажеме вака – грешки и слабости при растењето“.

Со реакција се јави и Ангел Џамбаски кој му реплицираше на претседателот Стево Пендаровски. 

„Дрскоста на бугаромразачите во Скопје навистина нема крај и навистина е за потсмев. Стотици бугарски граѓани со часови виселе на студ, стотици биле вратени од граница со летечки белешки испечатени од печатачи кои очигледно не работат на струја“ напиша на Фејсбук  Џамбаски.

 

Во неговата објава на социјалната мрежа стои: „Властите во Скопје прават црни и забранувачки списоци за бугарските граѓани, новинари, публицисти и политичари.
Како се овие европски вредности? Како е ова право на слободно движење? Како ова не е антибугарска омраза? Каде е револтот на активистите за човекови права во Брисел?“

Инаку, Пендаровски денес повика да се јави  евентуален граѓанин на Република Бугарија на кој му било одбиено да влезе во Република Северна Македонија да оддаде почит на гробот на Гоце Делчев,  освен оние кои правеа проблемии  за што има и видео снимки.