Доналд Туск го пофали Вучиќ за сѐ што направил во Србија, опозицијата гневна


„Почитуван претседателе, имате целосно право да бидете горди и задоволни од она што сте го направиле за Србија за време на вашиот мандат. Со среќа во недела“, напиша Туск на Твитер по разговорот со Вучиќ

 

Претседателот на Европската народна партија (ЕПП), Доналд Туск, испрати на Твитер поддршка и пофалби за српскиот претседател Александар Вучиќ пред парламентарните избори на 21 јуни, предизвикувајќи силни реакции на социјалната мрежа и отворено писмо на лидерот на опозицијата Драган Ѓилас.

„Пријателска дискусија со Александар Вучиќ пред изборите во Србија. Почитуван претседателе, имате целосно право да бидете горди и задоволни од она што сте го направиле за Србија за време на вашиот мандат. Економскиот успех и силното лидерство претставуваат заштитен знак на вашето владеење. Со среќа во недела“, напиша Туск во понеделникот на Твитер.

Српската напредна партија на Вучиќ (СНС) е придружна членка на Европската народна партија. Се очекува да оствари убедлива победа на парламентарните и локалните избори в недела, што ќе ги бојкотира Сојузот за Србија, најсилната опозициска коалиција. Според анкетите на јавното мислење, само СНС и помалиот партнер во коалициската влада, Социјалистичката партија на Србија сигурно ќе го преминат прагот и ќе влезат во парламентот. За другите не е сигурно.

Твитот на Туск предизвика остри реакции на Твитер, при што коментаторите го посочија негативното досие на владејачката партија во областите на демократијата и слободата на медиумите.

Професорот за историја и политика на Југоисточна Европа на Универзитетот во Грац, Флоријан Бибер, истакна дека Вучиќ не е дораснат за избори, иако доминира во кампањата, а додава и дека изборната листа се нарекува „Александар Вучиќ – За нашите деца“.

„Неговата изјава (Туск) го поддржува вон-уставното хипер-претседателство“, напиша Бибер.

Бибер, исто така, потсети дека Србија значително опадна во рангирањето на организациите за следење демократија како Фридом Хаус и Институтот В-Дем.

„Со ваквите некритични изјави, Доналд Туск го губи секој кредибилитет да ја критикува владата на Фидес или ПиС. Тоа го овозможува авторитаризмот и го поткопува кредибилитетот на ЕУ и нејзините вредности“, напиша Бибер.

Во реакција на твитот на Туск, Драган Ѓилас, лидер на опозициската Партија на слободата и правдата, како дел од Сојузот за Србија, која ќе ги бојкотира изборите на 21 јуни, напиша дека Српската напредна партија ги намали медиумските слободи во земјата и дека Вучиќ ја поткопа ЕУ за време на пандемијата со Ковид-19.

„Србија под Вучиќ не е земја на економски успех, туку земја со најниска стапка на раст во регионот, со платите на граѓаните меѓу најниските во Европа, со 60.000 луѓе кои годишно ја напуштаат земјата, земја чиј долг се зголеми за две третини, а која е фатена во должничко ропство на Кина“, напиша Ѓилас во отвореното писмо објавено од „Еурактив“.

Тој истакна дека српската опозиција веќе осум години не се појавува во националните медиуми и дека Вучиќ имал 292 пати повеќе позитивно покритие од сите опозициски лидери.

„Ако навистина сакате да знаете што стана Србија под водство на Вучиќ, можете да го прашате Александар Обрадовиќ, уапсениот свиркач од ‘Крушик’, Ана Лалиќ, уапсената новинарка или Милан Јовановиќ, новинар кој преживеа атентат кога неговата куќа беше запалена, за што е обвинет соработник на Вучиќ“, напиша тој.

Ѓилас исто така истакна дека Вучиќ го бакнал кинеското знаме среде Европа и носи валкана технологија, како и камери за препознавање лице, од Кина во Србија.

„Дали знаете дека 97 отсто од нашите граѓани, кои се информираат преку јавниот телевизиски сервис контролиран од Вучиќ, сметаат дека Кина ја спаси Србија за време на епидемијата на корона вирусот? Дали сте свесни дека нашата влада зеде неповолни заеми од Кина во износ од милијарди, кои ќе ги враќаат неколку генерации?“, напиша Ѓилас.

Тој заклучи со тврдењето дека демократијата е нападната од режимот и изборите не се ниту легални ниту легитимни.

„Јасно е дека во Србија нема што да му се честита на Вучиќ. Неодамнешната историја на Србија покажува дека Александар Вучиќ е политички преобратник, кој се обидува да

ја скрие вистинската природа на неговото владеење. Ако не сте подготвени да го видите ова и да го кажете тоа гласно, ве молиме, немојте да му помогата да го скрие то од очите на европската јавност“, напиша Ѓилас. (ЕВБ)