Доналд Трамп изгубил една милијарда долари за еден месец поради кризата со короната


Хотелот „Трамп интеренешенел“ во Лас Вегас

Богатството на американскиот претседател опадна од проценетите 3,1 милијарди американски долари на 1 март на 2,1 милијарди американски долари на 18-ти март (во екот на паниката на берзата предизвикана од пандемијата на корона вирусот), според годишниот список на милијардери на магазинот „Форбс“.

Падот предизвикан од Ковид-19 на глобалните берзи доведе до тоа 267 најбогати луѓе во светот да го загубат статусот на милијардери. Сега има 2.095 милијардери во светот – а рекордни 1.062 загубиле пари во однос на минатата година.

Меѓу оние кои се приклучија на клубот на милијардерите е и Ерик Јуан, основачот на апликацијата за видео конференција за Силиконската долина „Зум“. Списанието проценува дека Јуан, кој е сопственик на 20 отсто од акциите на „Зум“, има богатство од 5,5 милијарди американски долари.

Апликацијата стана многу популарна за време на заклучувањето од корона вирусот, бидејќи луѓето ширум светот ја користат за да останат во контакт. „Зум“ се користи за сè, од домови за нега, до училишни часови, за настани на берзата, па дури и состаноци на владата на Велика Британија.

Основачот и главен извршен директор на „Амазон“, Џеф Безос ја задржа својата позиција како најбогата личност во светот веќе трета година по ред со богатство од 113 милијарди американски долари.

Најголем дел од богатството на Трамп доаѓа од неговиот недвижен имот. Неговата империја „Организација Трамп“ – која ја водат неговите синови Доналд јуниор и Ерик – ја вклучува кулата „Трамп“ на Менхетен и неговиот клуб Мар-а-Лаго на Флорида, кој претседателот сака да го нарекува „зимска Бела куќа“. Исто така, има повеќе хотели и терени за голф, меѓу нив во Лас Вегас и во Шкотска.

„Организацијата Трамп“ затвори 17 имоти низ целиот свет, пренесува „Вашингтон пост“. Оние што сѐуште се отворени, работат речиси без гости. Околу 1.500 вработени во „Организацијата Трамп“ се отпуштени. (Според агенциите)