Доналд Трамп: Има четири кривични пријави, но е сигурен дека ќе победи на изборите


Поранешниот американски претседател Доналд Трамп во саботата на митинг во Ајова изјави дека на овогодинешните избори сигурно ќе го победи актуелниот станар на Белата куќа, Џо Бајден, кого го смета за „најлошиот претседател во историјата“.

Токму на третата годишнина од нападот на неговите приврзаници на Капитол, Трамп одржа два митинга во Ајова, малата американска држава на средниот запад, која на 15 јануари е првата што ги започнува републиканските прелиминарни избори за претседателска номинација на партијата.

Републиканскиот милијардер, кој сонува за реизбор во ноември и покрај четирите кривични пријави, ќе се соочи со гласачите за осум дена за прв пат по напуштање на претседателската функција.

Во долгиот говор Доналд Трамп ги уверуваше своите приврзаници во Ајова дека „ќе победи по трет пат“ на претседателските избори во ноември. Имено, тој никогаш не го призна поразот на изборите пред четири години и тврди дека Бајден му ги „украл“.

Опишувајќи го Џо Бајден како „најлошиот“ претседател во историјата на Соединетите Држави, Трамп им рече на стотиците поддржувачи дека земјата е во длабока рецесија и се заканува со нова голема депресија. Себеси се смета за последна шанса за спас.
И покрај сите контроверзи, анкетите му даваат на Трамп големо водство пред неговите двајца најголеми републикански противници, Ники Хејли и Рон ДеСантис.

Во Ајова и многу конзервативни држави ширум земјата, тој има многу лојална база што ги занемарува неговите правни проблеми.