Донација за Ковид тестови обезбедија домашни претприемачи


Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, во улога на Национален координатор на странска помош во земјава, денеска во Секретаријатот за европски прашања ја прими донацијата тестови SARS-COVID19 за дијагностицирање на вирусот Ковид-19.

Како што соопшти СЕП, донацијата ја обезбедија претприемачите Лазим Дестани од компанијата „Еколог“, Назми Виќа од компанијата „АББРУЧ AWR“ и Ремзи Ејупи од компанијата „Еврокоха“. Тестовите се наменети за Институтот за јавно здравје и ќе бидат веднаш ставени во функција.

Вицепремиерот Османи за време на примопредавањето изрази благодарност до бизнисмените за оваа донација.

– Искрена благодарност до целата бизнис заедница за континуираната поддршка во справувањето со Ковид-19, секако посебна благодарност и за господинот Дестани, господинот Вика, и господинот Ејупи за денешната донација, која претставува значајна поддршка во справувањето со пандемијата,  истакна Османи за време на предавањето на донацијата.

Претставникот на донаторите при средбата истакна дека ова е само мал придонес во борбата на државата со светската пандемија, со надеж за поттик на другите претприемачи да се придружат на овие хуманитарни активности.