Донација од САД за АБХО четата на нашата Армија


Фото: Б. Грданоски

Преку 1.500 парчиња заштитна опрема и околу 1.200 чифта чизми, ракавици и чорапи, наменети за Четата за заштита од атомско, хемиско и биолошко оружје (АБХО) при Армијата, денеска беа претставени во касарната „Ѓорче Петров“ во Скопје, како донација од САД.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска рече дека новата опрема за АБХО предвидува зајакнување на нашите капацитети во делот на специфичните закани на државата. Ова е важна опрема, рече таа, која е дел од нашите потреби за национална одбрана и како критериум за членството во НАТО.

– Првата фаза на донацијата е завршена, станува збор за заштитни маски, заштитни одела, цедила за маски, заштита на ногата, заштитни чизми, боци за воздух, компресори за воздух. Ова е првиот дел кој завршува оваа година, додека целата донација ќе биде на располагање до октомври 2020 година. Оваа донација е програмата „333“ иницирана од Европската команда на вооружените сили на САД, со цел да се зголемат капацитетите во овој домен. Вкупната сума на донацијата ќе изнесува седум милиони евра, истакна Шекеринска.

Министерката информираше дека околу 20 јануари идната година ќе започне тренингот за користење на опремата која до сега е пристигната. Таа рече дека како членка на Алијансата и како држава која гарантира безбедност на своите граѓани треба да бидеме подготвени да одговориме на секакви закани, вклучително и во доменот на колективната одбрана на НАТО.

– До кревањето на знамето во НАТО не делат уште три ратификации, очекуваме Франција и Холандија тоа да го направат во текот на овој месец и се разбира дека сите очи се свртени кон Шпанија и шпанските избори и од тој момент ќе можеме да ја правиме проценката кога шпанскиот Парламент ќе биде подготвен да ја заврши ратификационата процедура, појасни министерката Шекеринска.

Таа нагласи дека нашата земја е подготвена како партнер и идна членка на која Алијансата може да смета. Потсети на грижата кон војници, со покачувањата на платите, зголемувањето на Армијата со новите 400 припадници кои лани беа примени но и со прераспоредување на професионалните војници кои наполниле 45 години во затворската полиција.