Донација од Германија за Граничната полиција при МВР


За потребите на Граничната полиција на Министерството за внатрешни работи, Канцеларијата за врски на Германската сојузна полиција при Амбасадата на Сојузна Република Германија денеска донираше опрема и возила во вредност од 675.000 евра.

Донацијата на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски му ја предаде германската амбасадорка Анке Холштајн.

Опремата се состои од 17 возила, од нив десет се теренски оперативни возила, четири големи специјални возила и три средни оперативни возила. Овие возила, финансиски го сочинуваат најголемиот дел од помошта во вид на опрема. Во делот на граничниот надзор донирани се термални камери со краток и долг домет, дневни и ноќни двогледи за зголемена ефикасност и безбедност во постапувањето на припадниците на граничната полиција, уреди за присилно запирање на возилата „стингер“ и тактички елеци, а во делот на подобрувањето на можности за следење на онлајн обуки лаптопи и проектори, ендоскоп и штембили за гранична контрола.

– Целокупната донација претставува опрема од најразличен карактер и има за цел во повеќе сегменти да ги подигне капацитетите за работата на Одделот за гранична полиција да придонесе за зајакнување и надополнување на техничките аспекти на граничната полиција со цел нејзино полесно и поефикасно функционирање согласно современите професионални стандарди и полесно справување со предизвиците во борбата против меѓународните закани и прекуграничниот криминал имајќи ја предвид позитивната пракса на ЕУ, изјави министерот Спасовски.

Тој додаде дека го радува фактот што во изминатиот период сите интензивните реформи зафати во македонската полиција во сите сегменти од нејзиното функционирање во голема мерка се должат на партнерството и помошта што МВР во континуитет ја добива од своите меѓународни пријатели и партнери, меѓу кои несомнено посебно по својот обем и по својот квалитет.

Министерот се заблагодари и на поддршката од Сојузното министерство за внатрешни работи и Сојузна Република Германија.

 

– Северна Македонија како доверлив НАТО партнер се однесува за пример. Првото стопроцентно адаптирање со санкциите на ЕУ, јасната осуда на војната, протерувањето на персонал на Руската амбасада и подготвеноста за прием на украински бегалци се јасни показатели. Соработката помеѓу македонските и германските служби се одвива одлично, колегијално и со доверба. Срдечна благодарност за тоа, нешто на што може сите вие да сте горди. Сега треба таа соработка и понатаму да се надградува, изјави германската амбасадорката Холштајн.

Таа најави дека дополнително ќе биде доставена опрема за присилно запирање на возила која моментално е уште во царина. Со тоа, амбасадорката посочи дека би била покриена целата потреба од ваква опрема за присилно запирање на возила за граничната полиција во следните години.

Министерот Спасовски информираше дека оваа донација е дел од Програмата за поддршка од Сојузното МВР и татковина на СР Германија за МВР, Оддел за гранични работи и миграции, регионалните центри за гранични работи и полициските станици од гранична полиција за 2021 година, но со оглед на отежнатите услови за производство и достава на опремата поради КОВИД-пандемијата таа опрема се испорачува денеска.