Доминик Камингс имал уште едно патување, расте притисокот врз Борис Џонсон


Клучниот помошник на владата на Велика Британија се соочува со нови обвинувања дека ги прекршил правилата за заклучување на корона вирусот патувајќи 400 километри кон северна Англија додека неговата сопруга покажала симптоми на Ковид-19.

Весниците „Обзервер“ и „Сандеј мирор“ во неделата објавија дека советникот на Борис Џонсон, Доминик Камингс, бил виден на североисток на Англија уште во два наврати во април.

Членови на опозицијата на Велика Британија повикаа на негова оставка, откако за прв пат беше објавено во петокот дека тој ги прекршил ограничувањата на сопствената влада за корона вирусот.

Весниците „Гардијан“ и „Мирор“ првично објавија дека Камингс отпатувал од Лондон до куќата на неговите родители во Дурам на крајот на март за време на национално заклучување. Дурам е североисточно од Лондон.

Но, новите извештаи цитираат сведоци кои тврдат дека владиниот советник го виделе на 12 април во замокот Бернард, покрај Дурам. Два дена подоцна бил виден во Лондон, но потоа повторно на 19 април во Дурам.

Денеска петмина пратеници на Конзервативната партија јавно побараа Камингс да биде сменет затоа што не може да има едни правила за владата, а други за сите останати британски граѓани. Еден од пратениците, Питер Бон, изјави дека премиерот Борис Џонсон треба да продолжи без Камингс и дека за него ќе биде многу тешко ако тој остане. (Според агенциите)