„Домен Лепово“- вински рај во кој уживаат и дипломатите и ВИП-гостите

Каде се дипломатите, таму е најубаво и највкусно


Меѓу новинарите, дипломатите и политичарите во Македонија кружи изрека: Кај и да си, за Св. Трифун во Лепово да си!  Тогаш, овој вински рај од 9 хектари кој се наоѓа во близината на Неготино, кој го поистоветуваат со бисер на вардарската долина, добива ВИП-третман со уважени гости, врвна музика и храна, на кој му се радуваат и кучињата од околината. 

Овде ветерот дува без пардон и ги мрси исфенираните фризури на гостинките, каде е доволно студено да бидете господин, каде се кршат чаши од суровата клима, ама виното, освежително, или силно, го вади на виделина скриеното „вие“ , денот ви изгледа сончев, а друштвото погодено.

Американската амбасадорка Анџела П. Агелер е традиционална гостинка за Св. Трифун во Лепово.- Со Светозар Јаневски, претседател на Управниот одбор на „М6“ и на „Тиквеш“, лани
Дипломатите, за чудо или не, секогаш се на вистинско место, во вистинско време и со вистинско друштво низ Македонија. Ги препознаваат гурманските бисери на нашата земја, со најубавиот поглед на непрегледни долини, планини, ниви, полиња и езерска шир. Каде се дипломатите, таму е најубаво и највкусно. Затоа ги има и во голем број во Лепово, каде гостите се облекуваат како што се чувствуваат и како се расположени. На некои гости им е важен изгледот, за некои, удобноста. Некои ептен дотерани, особено жените, брендирани или не, некои лежерно и спортски. Ретко кој го приметува протоколарниот дел со политичари и министри, гостите тука се дојдени неколку часа да уживаат, да го слават животот, да дегустираат квалитетни вина, на сонце и на свеж и чист воздух, подалеку од загаденото и со сообраќајна гужва, Скопје . 
 
 

И музичарите внимателно се избираат, годинава тоа беа поп-хитови со Авги Авшар и нејзиниот бенд. Гурманското уживање почнува со ракија или со шардоне , продолжува со розе, и завршувате со пино ноар, вранец или гранд куве, секако со мезе, свежи салати, тазе скара, морски плодови и вкусни десерти.
 
Ѝмеѓу новинарите важи изреката: Кај и да си, за Св. Трифун во Лепово да си
 
Приказната за првиот македонски ултра – ексклузивен вински бренд „Домен Лепово“ започнува и завршува на овој единствен локалитет – „Лепово“.
Терминот „Домен“ означува дека целокупниот производствен процес се одвива на истиот посед
каде што се наоѓаат лозјата. На околу 9 хектари се насадени 5 сорти грозје – Шардоне, Вранец, Пино Ноар, Каберне Совињон и Мерло. Лозовите насади се со просечна старост од 15 години.

Во „Лепово“ природата е вистински наклонета за одгледување грозје. Сонцето, водата, ветерот, почвата… овде се во совршен баланс кој е идеален за производство на префинети вина. Локалитетот се карактеризира со суб-медитеранска клима, со долги топли денови и кратки и релативно топли ноќи во периодот од јуни до крајот на октомври, кога грозјето ја добива својата полна зрелост.
Лозјата на локацијата „Лепово“ се на надморска висина од 250 метри. Благодарение на влијанието на реката „Вардар“ тие се изложени на постојан благ, топол ветар „Повардарец“, кој го носи влијанието на медитеранот и овозможува лозовите насади да бидат во совршена здравствена состојба, што придонесува за постигнување висок, константен квалитет на грозјето.
Иако убавината на локалитетот „Лепово“ е навистина неограничена, сепак виното што се создава тука е во ограничени количини, поради малата количина на грозје и малиот производствен капацитет, каде сѐ е ставено во функција на квалитетот.

„Домен Лепово“ ексклузивните вина се креација на винскиот „магионичар“ Филип Камби. Во нив се вградени најдобрите француски практики и знаење во производство во ваков вид вина.

Ригорозната контрола во сите фази од производството и примената на посебни техники и агротехнички мерки за редукција на родот, според искуствата и практиките на француската винска школа, придонесуваат она што го дала природата во „Лепово“, во секое зрно грозје да биде совршено зачувано.
Тоа што капацитетот за преработка на грозјето, односно самата винарницата, се наоѓа во непосредна близина на лозовите насади, овозможува високиот квалитет и уникатни карактеристики на вака одгледаното грозје целосно да се преточат во најдоброто ексклузивно вино кое може да се создаде само таму и никаде на друго место во светот. Дополнително, вака добиеното вино ферментира и делумно одлежува во специјални француски дабови буриња, со што се придонесува за неговите уникатни ароми и карактер. 

Л. Сабит