Домашни и странски ѕвезди со апел: #седисидома #stayhome


Домашни и странски ѕвезди- од Каролина Гочева до Роберт де Ниро, од Влатко Стефановски до Џон Леџенд ги повикуваат своите следбеници на социјалните мрежи да останат дома за доброто на сите. Со пораки или со виртуелни концерти. Сите се обединети во една жалба: останувам дома, под хаштагот  #IStayHomeFor (останувам дома поради) кој е актуелен во моментов на социјалните мрежи.

Да се остане во затворено, всушност, е едно од основните правила во битката против коронавирусот, и е ироничен начин за подигнување на свеста за важноста на самоизолацијата.

Македонскиот виртуоз на гитара Влатко Стефановски пред неколку денови ги одушеви фановите со кратка инструментална изведба на својот инстаграм-профил. Во описот на снимката, Стефановски ги напиша хаштазите: #седидома и #shutupandplaytheguitar, укажувајќи им на сите за важноста на самоизолацијата. Некои од одушевените обожаватели побараа од познатиот музичар секој ден да објавува по една инструменталка.

Пејачката Тамара Тодевска од самоизолација со интересен и поучен натпис им порача на сите дека седи дома за безбедноста на своите најмили, но и за сите други. Таа на својот инстаграм-профил објави фотографија на која држи натпис испишан со букви во различни бои: „#Седам дома за сите“.

И пејачката Каролина Гочева во слично издание упати силна порака од самоизолација на Инстаграм. Каролина држи лист хартија на кој пишува: „Седам дома за: тебе, себе, за сите нас“.

Влатко Лозаноски сподели дел од својата песна „Не те вадам јас од памет“, каде што во еден стих се спомнува карантин: „Би те чувал јас тебе во карантин“. Пејачот во описот на видеото напиша да останете дома и стоп за ковид-19.

Меѓу многубројните јавни личности што повикуваат на важноста на седењето дома во времето на пандемијата на коронавирусот е и пејачката Викторија Лоба, која им се обрати на своите следбеници со објавата: #седам дома за сите нас.