Домаќин, хаусмајстор, хигиеничар да се унапредат во сценски и тон-мајстори бара Универзалната сала


Универзалната сала во Скопје во 2019 година (Фото: Б. Грданоски)

Домаќинот на Универзалната сала, хаусмајсторот, хигиеничарот и возачот, требаше да бидат унапредени цо сценско-визуелни работници и тон-мајстори, ако Советот на Град Скопје го поддржеше барањето на оваа градска институција за унапредување во 2024 година. 

„Во делот на унапредување и распределување до крајот на 2024 година има наведено унапредување од домаќин во тон мајстор, унапредување од хаусмајстор во сценско-визуелни ефекти, унапредување од возач во сценско-визуелни ефекти и унапредување од хигиеничар во друг одговорен сценски работник. Ме интересира по кои критериуми е направена оваа анализа и какво искуство и професионално и формално образование треба за некој да извршува работни обврски од сценско-визуелни и одговорен за сценски работи, а унапредувањето е од многу пониска систематизација“, праша советникот Гордан Шотаров, на денешната седница. 

Никој не се удостои да му даде одговор на советникот, па кога точката стигна на гласање пред советниците, таа не беше усвоена. 

Дополнително, на денешното продолжение на 35 седница, советниците на Град Скопје не дадоа согласност ниту за вработувања за 2024 година во  ЈП „Комунална хигиена“ –Скопје, ЈУ Дом на културата „Кочо Рацин“-Скопје, ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“-Скопје, ЈУ Културен информативен центар-Скопје…

За потсетување, пред неколку дена Скопје ја доби престижната титула Европска престолнина на културата за 2028 година. Дали без дополнителни вработувања во културните установи, ќе може да ја сработи обемната програма за пет годиниод сега, останува да видиме.