Долниот дом на францускиот Парламент изгласа правото на абортус да се внесе во Уставот


 

Пратениците на француското Национално собрание – Долниот дом на Парламентот, синоќа усвоија закон според кој правото на абортус ќе биде вклучено во Уставот.

„За“ гласаа 337 пратеници, а „против“ 32 пратеници во Собранието, што брои 557 пратеници.

За да се измени Уставот на Франција, прво треба да има одобрение од двата дома на Националното собрание: Сенатот – Горниот дом, и Долниот дом – парламентот, а потоа и на референдум.

Авторите на предлогот кои доаѓаат од левата коалиција тврдат дека целта на измените на Уставот е „да се заштити и гарантира основното право на доброволно прекинување на бременоста“.

Абортусот беше декриминализиран во Франција со закон од 1975 година, но не постои одредба во Уставот што го гарантира тоа право.

Министерот за правда Ерик Дупон-Морети рече дека центристичката влада на Франција ја поддржува иницијативата за измена на Уставот.

Тој ја спомна одлуката на Врховниот суд на САД од јуни, која го елиминираше федералното уставно право на абортус и одлуката им ја остави на сојузните држави.

-Правото на абортус што мислевме дека е стекнато 50 години (во САД), во реалноста воопшто не е стекнато, рече тој.

Неодамнешната анкета покажа дека над 80 отсто од Французите го поддржуваат правото на абортус и дека мнозинството граѓани се за внесување на ова право во Уставот.

Центристичката алијанса на францускиот претседател Емануел Макрон, Ренесанса, вчера одлучи да повлече сличен предлог за кој требаше да се расправа во Националното собрание во понеделник. Наместо тоа, пратениците од центристите и левицата се согласија да го поддржат предлог-законот кој вели дека „законот гарантира ефективен и еднаков пристап до правото на доброволно прекинување на бременоста“.