Долгото враќање на филмската правдина дома

Годинешното издание на Солунскиот фестивал ќе награди два филма со Златен и Сребрен Александар, со по 10.000 евра (прва награда) и 5.000 евра


Ралф Фајнс и Жилиет Бинош на Интернационалниот филмски фестивал во Солун

Интернационалниот филмски фестивал во Солун (TIFF) во неговото славеничко 65 издание (интернационален формат од 1989 година) беше отворен на 31 октомври со свечената проекција на филмот „Марија“ во режија на извонредниот чилеански автор Пабло Лареин (Pablo Larraín), со оскаровската холивудска ѕвезда Анџелина Џоли во улогата на Марија Калас. До крајот на фестивалот, кој ќе биде затворен на 10 ноември со пригодниот наслов „Крајот“ на Џошуа Опенхајмер (наградуван документарист кој овој пат се претставува со постапокалиптична сторија за богато семејство кое живее во некогашен рудник претворен во луксузно живеалиште, со Тилда Свинтон во главната улога), ќе бидат прикажани речиси 300 наслови во десетина програмски секции.

Жилиет Бинош | Фото: ТИФФ (TIFF)

„Марија“ ја раскажува сторијата за последните денови од животот на славната оперска грчка пејачка со светско реноме, сопранистката Марија Калас, која по повлекување во Париз го преиспитува нејзиниот  гламурозниот и бурен живот, во кој значајна епизода „играл“ и еден од најбогатите луѓе на светот, бродосопственикот Аристетелис Оназис. Лараин ја стекна светската филмска слава со „Не“ и „Клубот“, но во последнава декада од неговото творештво ги создаде и впечатливите биографските драми за чилеанскиот поет Пабло Неруда и Џеки Кенеди Оназис. Токму филмот за Марија Калас на некој начин ја надополнува нишката со Џеки Кенеди, двете големи љубови во животот на Оназис…

Анџелина Џоли како оперската дива во филмот „Калас“

Солунскиот филмски фестивал на почетокот на годинешното 65. издание им оддаде специјални признанија на три филмски ѕвезди, оскаровците Жилиет Бинош и Ралф Фајнс, и актерот и режисер Мат Дилон, кои добија награди почесен „Златен Александар“ за животно дело. Најпрвин Жилиет Бинош и Ралф Фајнс (што е одомаќинета транскрипција кај нас на англискиот актер чие име во неговата татковина се изговара Реиф Фиенс) на свечената проекција во саботата го претставија нивниот трет заеднички филм во тридецениското пријателство, „Враќање“ на Уберто Пазолини (претхцодно беа продуктивен актерски пар во „Оркански височини“ од 1992 и оскаровскиот „Англискиот пациент“).

Во филмот на Пазолини (познат како продуцент на оскаровскиот „Фул Монти“) Бинош и Фајнс се Пенелопа и Одисеј во адаптацијата на Хомеровиот еп „Одисеја“, сторија за долгого враќање на воинот кој минал 10 години пред ѕидините на Троја (Тројанскиот коњ била негова итроштина, со која конечно е освоен градот), а потоа уште десет години на пат до дома, на островот Итака, каде што верно го чекала Пенелопа, непоколебливо одбивајќи ги сите понуди да прифати дека Одисеј е мртов и да се премажи за друг моќник од кралството.

Мат Дилон, пак, беше чествуван со „Златен Александар“ за животно дело на свечената церемонија на која беше прикажан неговиот најнов филмот „Да се биде Марија“ на режисерката Џесика Палуд, а во чест на актерот беше прикажано и неговото режисерско деби „Град на духови“ од 2002 година, како и филмот-визуелна инсталација „Интерфиарс“, прикажан во склоп на изложбата на данскиот автор Јеспер Јуст која е отворена за посетителите за времетраењето на фестивалот.

Дилон го игра славниот актер Марлон Брандо во сторијата на Палуд, која го прикажува не толку славното сексуално понижување на актерката Марија Шнајдер во „Последното танго во Париз“ на Бернардо Бертолучи. Историјата го слави филмот на Бертолучи како ремек-дело, но во пост „MeToo“-ерата сцената во која Брандо ја содомизира Шнајдер (и која, за жал, со путерот како „алатка“ стана „иконска“ рамка за препознавање на мачизмот на штета на женското достоинство) е повеќе од дискутабилна во светло на денешните норми за родова еднаквост. И тоа е, би додале, своевидно филмско барање правда за двете Марии, Калас и Шнајдер, макар што потрајало подолго од враќањето на Одисеј на Итака…

Мат Дилон како Марлон Брандо во „Да се биде Марија“ | Фото: ТИФФ (TIFF)

Годинешното издание на Солунскиот фестивал во главната натпреварувачка селекција составена од 12 наслови, во која традиционално учествуваат први, втори и трети дела на автори, ќе награди два филма со Златен и Сребрен Александар, со по 10.000 евра (прва награда) и 5.000 евра. Во селекцијата „Запознај ги соседите“, во која учествуваат 12 филмови од земји на Југоисточна Европа, Медитеранот и Блискиот Исток, ќе бидат доделени исто така две награди за најдобрите наслови во вредност од по 10.000 и 5.000 евра, а во програмата „Филм форвард“, селекција од 12 експриментални филмови, наградените ќе добијат по 8.000 евра и 4.000 евра.

Изминатите неколку години од фестивалските изданија раководени од Елис Жаладо и Орестис Андреадакис беше воспоставен тн. кураторски формат, кој секоја година е фокусиран на одредена тема. Годинава темата на фестивалот е „We, the Monster“ („Ние, Чудовиштето“) која претставува чудни и мистериозни филмски суштества кои живеат до нас и во нас, а автор-куратор е Карло Умберто Катријан, поранешниот директор на фестивалите во Берлин и Локарно. Неговото видување на темата за чудовиштата селектира 22 филмски ремек-дела од различни периоди, изложба која содржи дела од Малвина Панајотиди и Дејвид Сампетаи, и специјално двојазично издание со коментари и анализи од филмски теоретичари, социолози и новинари.

Свое место во фестивалските програми најде и македонското копродукциско учество (Марија Димитрова и Игор Иванов-Изи) во грчкиот филм „Кјука, пред крајот на летото“ на Костис Карамунтанис (во програмата „Филм форвард“). Во програмата „Проширен преглед“ (замена за популарната селекција „Балкански преглед“ која постоеше до лани), чија годинешна тема необично семејство, покрај 11 наслови од различни периоди учествува и „Домаќинство за почетници“ на Горан Столевски. (Мета)